Веганските диети стануваат сè попопуларни, особено кај луѓето што сакаат да го подобрат своето здравје. И навистина, веганската исхрана базирана на растенија може да има многу здравствени придобивки, поврзана со помал ризик од срцеви заболувања, заедно со намалена телесна тежина и нивоа на холестерол. Сепак, некои луѓе често ја прифаќаат оваа диета на многу рестриктивен начин, јадејќи сурова храна, а истражувањата сугерираат дека суровата веганска исхрана, ако се следи долго време, може да предизвика повеќе штета отколку корист.
Истражувањата покажуваат дека некои сурови јадења можат да бидат поздрави од зготвените. На пример, готвеното бриселско зелје и црвена зелка губат дури 22 проценти од нивната содржина на тиамин. Ова е форма на витамин Б1 што го одржува здрав нервниот систем.
Додека некои зеленчуци можат да изгубат хранливи материи за време на готвењето, други имаат поголема содржина на хранливи материи кога се готват. Ова е затоа што некои хранливи материи се врзани во клеточните ѕидови на зеленчукот. Готвењето ги разградува клеточните ѕидови, дозволувајќи хранливите материи да се ослободат и полесно да се апсорбираат од телото.
На пример, кога спанаќот се готви, телото полесно го апсорбира калциумот што тој го содржи. Истражувањата, исто така, покажаа дека додека готвењето домати ја намалува содржината на витамин Ц за 28 проценти, ја зголемува содржината на ликопен за повеќе од 50 проценти. А готвењето зеленчук може да ви обезбеди и повеќе антиоксиданти.
Суровата веганска исхрана веројатно нема да има многу важни витамини и минерали – односно витамини Б12 и Д, селен, цинк, железо и два вида омега-3 масни киселини. Ова е затоа што многу од храната што содржи високи нивоа на овие витамини и минерали е од животинско потекло – како на пример, месото и јајцата.
Сите овие витамини играат клучна улога во структурата, развојот и производството на мозочни и нервни клетки, а наедно поддржуваат здрав имунолошки систем. Особено загрижувачки се нивоата на витамин Б12. Студија на луѓе на строга диета со сурова храна покажа дека 38 проценти од учесниците имале недостиг од витамин Б12.
Истата студија, исто така, откри дека строгата сурова веганска исхрана ги зголемила нивоата на хомоцистеин поради недостиг од Б12. Ова е загрижувачко бидејќи покачените нивоа на хомоцистеин потенцијално можат да го зголемат ризикот од кардиоваскуларни заболувања и мозочен удар.
Доколку не се испланира правилно, суровата веганска исхрана може да доведе до ненамерно губење на тежината ако не внесувате количество калории што му се потребни на вашето тело за да функционира. Ова е особено загрижувачко за младите жени.
Истражувачите откриле дека 30 проценти од жените под 45 години што следеле диета со сурова храна повеќе од три години доживеале делумна до целосна аменореа (отсуство на менструација). Ова веројатно се должи на губењето на тежината предизвикано од суровата веганска исхрана, пишува порталот „Саенс алерт“.
М.В.

































