ДУИ – најголема закана за рамковниот договор

Зошто ДУИ упорно продолжува да го руши рамковниот договор? Вчера медиумите пренесоа дека Владата донела одлука за исправка на таканаречениот „балансер“, па во иднина при вработувањата во државните институции ќе се користи бројката од 31,54 отсто Албанци. Според медиумите, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити веќе испратил писма до сите институции за да се земе предвид оваа нова бројка при идните вработувања.
За почеток, морам веднаш да кажам дека јас немам никаков проблем во државната администрација да работат и 100 проценти Албанци или 100 проценти Власи, а ни 100 проценти Ескимци. Државната служба треба да биде пример за меритократија, за влез според успех од универзитетските студии и за напредување во согласност со заслугите, натамошното образование и трудот. Не случајно државите со врвна, независна и меритократска администрација се најдобрите во светот, по сите можни мерења за успех на државите, од бруто-домашниот производ, преку индексите за човеков развој, па до најновите индекси за среќа. Силна и независна државна служба е и гарант за владеењето на правото, демократијата и одбрана на државата на благосостојбата.
Меѓутоа, во Македонија се соочуваме со два проблема. Првиот е партизацијата на целиот јавен сектор, кој го храни чудовиштето на клиентелизмот на политичките партии, за сметка на квалитетот на услугата што граѓаните ја добиваат од јавните служби. Вториот, пак, е извитоперувањето на принципот за „правична и соодветна застапеност“, кој се претвори во целосна спротивност на една добра идеја за севкупен развој на целото општество.

Но што се случува со „балансерот“?
Во Македонија била воведена некаква „алатка“, наречена „балансер“ за мерење на типот на црвените крвни зрнца кај секој вработен во државната администрација. Не треба да се биде препаметен, или пак многу да се истражува за да се дојде до партијата ДУИ и до нејзиниот лидер Али Ахмети, како автори на оваа чудесија.
Јас начелно го поддржувам принципот на „соодветна и правична застапеност“. Секоја земја треба да се труди да овозможи влез во државна служба на различните категории граѓани што се подзастапени во државната администрација, споредено со нивниот удел во општеството. Оваа споредба секогаш укажува на некоја форма на дискриминација, па доколку во администрацијата има помалку од половина жени, јасно е дека системот сè уште дискриминира по род, од најразлични причини. Истото тоа се однесува и за економските класи, па може јасно да се утврди дека децата на средната класа се дебело надзастапени во државната администрација на сметка на децата на многу побројните работници или земјоделци. Во Македонија, во минатото, постоеше јасен дисбаланс помеѓу уделот на Албанците и Ромите во државната служба, а и надзастапеност кај Србите и кај Власите, на пример. Мерките за исправање на овие состојби во светот се нарекуваат „позитивна дискриминација“, „еднакви можности“ и слично, а кај нас „правична и соодветна застапеност“. Се разбира, тука секогаш станува збор за промоција на поединци од незастапените категории, но и за зачувување на принципот на меритократија.

Кај нас, пак, овој принцип беше еден од клучните постигнувања на Охридскиот рамковен договор. „Правичната и соодветна застапеност“ не се воведе никогаш за жените, а не се ни помислува да се промовираат младите луѓе од работничката класа или од сиромаштијата. Изминатото дваесетгодишно искуство со влезот на зголемен број Албанци во државната администрација имаше и свои добри страни. И Македонците и Албанците, а и сите други, се запознаваа лично, се канеа на семејни веселби и ја споделуваа тагата за личните загуби, па заклучивме дека и не сме биле толку различни, дека фолклорот ни е многу сличен, дека семејните односи ни се совршено исти и дека делиме слични гледишта за проблемите што заеднички нè тиштат, како образованието, здравството, економските предизвици и политичките потфрлувања.
Но темната страна на принципот на „правична и соодветна застапеност“, популарно наречен „вработувања по рамковен“, беше тоа што партијата ДУИ целосно се вгради во овој систем, како единствен пат, влез и филтер за еден Албанец да заврши во државната служба, со сите проблеми што партизацијата на администрацијата ги носи со себе, како корупција, непотизам, кронизам, неспособност, некомпетентност и урушување на квалитетот на јавните услуги за граѓанинот. Едно од најголемите изворишта на моќ за оваа партија е токму злоупотребата на „вработувањата по рамковен“. Не случајно веќе одамна граѓанскиот слој помеѓу македонските Албанци си бара начин да го изрази својот отпор кон државниот монопол на ДУИ. „Доста е“, велат Албанците во Македонија и бараат да престане злоупотребата на државата за исхрана на клиентилистичкиот ѕвер, наречен ДУИ, кој расте со секој „масен“ проголтан залак. „Доста е“, велат и Македонците во Македонија, па и тие бараат да престане злоупотребата на државата за исхрана на клиентелистичките партиски ѕверови.
Тука треба да се бара причината зошто ДУИ токму сега излегува со овој налудничав потег тој „балансер“ да се покачи на неверојатни 31,54 отсто Албанци во државната администрација, бројка што, ама баш никако, не може да се оправда, а е спротивна и на сите закони и друга регулатива. Освен соголениот национализам, со огромни примеси на шовинизам, ДУИ веќе одамна нема што да им понуди на Албанците во Македонија. Аурата на Али Ахмети, „победникот врз Македонците“, веќе полека бледнее, а растат нови генерации Албанци што веќе гласаат и се активираат во политиката, а кои се родени по 2001 година.

Овој очајнички потег на 31,54 отсто Албанци во балансерот е смислен само за да предизвика бес, гнев и жестока контрареакција кај Македонците. ДУИ сака да испровоцира националистички одговор кај Македонците заради ова очигледно претерување, па повторно да глуми некаков „бедем“ за правата на Албанците во Македонија и да се жали пред меѓународната заедница за неразумноста на македонските националисти. Токму оваа игра веќе цели дваесет години го поткопува Охридскиот рамковен договор и оневозможува здраворазумски дијалог помеѓу Македонците и Албанците на секоја тема, вклучувајќи и за критика на недоследностите и недореченостите што произлегоа од Охридскиот рамковен договор.
Живееме во 2022 година во Македонија, време е да се отвори и дебатата за партијата што е најголема закана за Охридскиот рамковен договор. ДУИ милува себеси да се претставува како некаков „гарант“ за негово спроведување, но во моментов тие најмногу го загрозуваат Охридскиот рамковен договор со нивниот веќе отворен етношовинизам и со злоупотребата на сите принципи од договорот за свои коруптивни цели. ДУИ мора да се ограѓани или да си замине на буништето на историјата.
Шовинистите може да си сонуваат за некакви репризи на 2001 година, за „национални прстени Тирана – Приштина – Тетово“, за некаква нова балканска „олуја“, да си цртаат нови граници и слични лудила, кои скапо го чинеа Балканот во 1990-тите. Но редно време е да престанеме да се фаќаме на нивните јадици „како клен на дудинка“ и да ги отвориме вистинските теми. Новиот „балансер“ од 31,54 процент е една бедна провокација, незаконски потег на еден министер и на една влада, кој треба да се осуди од јавноста, заради предизвикување меѓуетничка нетрпеливост, а и да се види што вели Кривичниот законик за злоупотребата на службената должност. Единствениот „балансер“ што треба да биде предмет на јавна дебата е „балансерот“ што ќе ги тргне партиите подалеку од вработувањата во јавниот сектор, а особено во државната служба, и кој ќе им овозможи влез на најдобрите студенти во државната администрација и напредок на најспособните.

Автор: Ивица Боцевски