До лични документи под камшик

Колумната ја пишувам на 30 Септември (името на месецот со голема буква не е грешка, бидејќи овој ден стана празник и симбол на народниот непокор; инает, ако сакате). Звучи неверојатно дека минаа цели пет години од моментот кога за последен пат се почувствувавме достоинствено кога на целата орда домашни и странски „фактори“ и перачи на мозоци им кажавме НЕ. Уште поневеројатно е што толку лесно потоа изгубивме здив и сега сме во уште попонижувачка положба да молиме за термини за да си ги смениме личните документи. Како да не е доволно што другите, сега веќе и според протокол и меѓународни стандарди, нè именуваат како Република Северна Македонија (мачно ми е и што го пишувам целото име).
Минатата недела сите што бевме собрани (со неколку исклучоци) на приемот што го организираше амбасадата на НР Кина, по повод 74-годишнина од воспоставувањето на државата и 30-годишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи со Република Македонија, се штрекнувавме и погледнувавме при секое споменување на Северна. Со очи или низ шепот си говоревме колку е болно што дури и држави што ни биле пријатели од времето кога ни било најтешко и кога се боревме за меѓународно признавање сега ги практикуваат нормите што важат во меѓународните односи, односно постапуваат според барањето на македонската власт. Убедена сум дека нашите пријатели однадвор добро знаат дека таа одлука не беше на народот, ама сами сме си виновни што барем не ја сменивме таа власт во првата пригода. А и ако ја смениме, која е гаранцијата дека некој од новите ќе се одважи да го раскине договорот (заедно со бугарскиот)? Јунаци се за банални нешта или кога нивниот личен интегритет е во прашање, но не се скроени за големи потфати.

Сум пишувала за тоа што е структурно насилство (концепт од мировните студии, воведен од Јохан Галтунг), кој е дополнет со концептите на физичко и културно насилство. Но да повторам: структурното насилство е она што е втемелено и вградено во системот, во неговите институции и норми; насилство што убива „нежно“, без куршум, но кое и се однесува на сите членови на државната заедница, односно на колективитети. Тоа убива со неправда или селективна правда, со дискриминација (и мнозинството може да биде жртва на тиранијата на малцинството, да бидам појасна), со маргинализација, со осиромашување и социјална неправда итн. За нас е насилство и тоа што мораме да ги менуваме документите, првенствено затоа што одлуката на државното водство беше спротивна не само на народната волја од 30 септември 2018 година туку и на Уставот и законот (неуспешниот референдум е потврден со одлука на ДИК, по што властите мораа да постапат соодветно). Но тие го слушаа ЕУ-комесарот што им препорача употреба на „балкански методи“.
Втората причина зошто ова го чувствуваме како насилство е фактот што цената на чинење ја плаќаме од наш џеб, а притоа сме соочени со тотално неспособна држава што нема капацитет ни да ги спроведе одлуките што ги донела. Веќе со месеци од сите страни им се укажува дека е практично невозможно (дури и со наша добра волја да се малтретираме по разните шалтери и кабини на МВР) да ги добиеме личните документи што ни се неопходни пред истекот на рокот во февруари 2024 година. И медиуми и експерти и граѓани, барем во ова се едногласни: секој од нас возрасните мора да смени најмалку два документа (лична карта и пасош, и плус возачка дозвола), а за цели семејства и да не зборувам. Ова е како сол на рана, или навреда по шлаканица: молиме и пекаме за термин, а него го нема (во моментов кога пишувам) сè до јуни идната година! Тоа значи дека од февруари ќе ни биде нарушена слободата на движење надвор од границите на земјата, а можеби и во внатрешниот правен промет ќе имаме проблем ако треба да се легитимираме со неважечка лична карта или возачка дозвола.

Оваа држава не само што е невеберијанска и неуспешна држава во давањето елементарни услуги на граѓаните туку е и маќеа. Насилната промена на името на државата, заедно со идентитетот (сега веќе и најголемите „конструктивисти“ не можат да лажат), е нешто што досега на нашите предци им го правеле туѓи власти. Во семејната документација ги имам училишните книшки и изводи на моите стари, кои по насилен пат биле преименувани од турско, српско, бугарско. Сега почнува мојата колекција за идните генерации. Структурно насилство е и кога Уставниот суд носи шверцерски одлуки (со петгодишно „задоцнување“) и легитимира и легализира дивоградба, а притоа и подотвора врата за идна дерогација на улогата на претседателот на Републиката во потпишување на указите за новите закони. И наместо да ја тужиме државата за сите неволји и трошоци што ни ги создава во секојдневниот живот поради сопствената некадарност (и тука не мислам само на административните постапки), ние треба да се скандализираме за Дафина или за обзнанувањето на бугарскиот список на носители на нивни пасоши.
Да не бидам погрешно сфатена! Непристојноста на однесувањето на еден министер, па дури и на еден премиер, кон жени пратеници од опозицијата е неприфатливо и одвратно, ама само во нормални држави. Овде, опозицијата што дозволува да ја влечкаат како крпа и да се служат со неа како со бришач на чевли во текот на целиот мандат уште не гледа причина да го напушти Собранието! Тие би сакале да се солидаризираме, па и да ги жалиме (заедно со високите плати што молчешкум си ги примаат), а не гледаат дека се или доброволни статисти или беспомошни пиони, кои на една забегана власт ѝ даваат привид на нормалност (политички живот со власт и опозиција). Веќе не ме интересира ни дали создаваат кворум или не, фактите зборуваат дека тие божем се борат. Како се борат? Со историски говори и реплики! И со одбрана на Дафина!
За тоа време, обичниот човек моли, преколнува или „фаќа врски“ за да си го прикачи омразеното „Северна“ на својот правен профил. По ребрендирањето пак ќе остане сиромав, понижен и скршен. Грчката страна не беше воопшто глупава или тврдоглава кога инсистираше на промена на Уставот и примена ерга омнес: глупави беа оние што се божем наши кога како слепци и прислужници побрзаа да ги задоволуваат странците. Сега сме во таква бесмислена ситуација што дури и да се распадне ЕУ или да го запре процесот на проширување (хипотетички, де, не скокајте веднаш!), нас нè обврзува највисокиот правен акт, Уставот, а не Преспа или Брисел.

А во теориска и практична смисла ние имаме еден од најтврдите устави во светот (тврд во теориска смисла значи постапка што го прави тежок за изменување или речиси непроменлив, поради Бадинтеровото мнозинство). Уставот, драги мои, ни е воденичен камен, а не повелба на слободата и државноста. Уставот е нашиот камшик, а камшикари – колку сакаш. Затоа, да го парафразираме уште еднаш Вапцаров, оваа држава во која живеам денес простете е туѓа: ја води т.н. елита што нема ништо елитно во себе, која е подготвена и со репресија да ја спроведува својата волја, законот ѝ е како пластелинот на децата, па си крои закони со кои себе се става над сите и над сè, а освен малку мрчење – акција нема. Кога си имате работа со структурно насилство, пред вас стои (навидум) застрашувачка структура, систем, инструменти на принуда. Навистина е потребна храброст да се соочиш со сето тоа. Но добрата страна е дека кога таквото насилство ќе се победи, структурата еродира од една или друга причина, таа паѓа како кулите близначки на 11 септември.
И за крај една мудра изрека, што треба да ја имаме на ум во месеците што доаѓаат: „Ниту еден страв не е како стравот на оној што си го продава народот свој“ – Назим Хикмет (револуционер и еден од најголемите турски поети).