Демократиите може да умрат не од рацете на генералите, туку од избраните лидери

Демократијата во Македонија тивко умира. Во текот на изминатите години гледавме како политичките марионети зборуваат и прават работи што се без преседан во македонската понова историја, кои ги препознаваме како претходници на демократската криза на државата. Чувствуваме страв, како и многу други Македонци, дури и кога се обидуваме да се увериме дека работите овде навистина не можат да бидат толку лоши. А тие стануваат сѐ полоши и полоши. Да, знаеме дека демократиите се секогаш кревки, но нашава никако не успева да ѝ пркоси на гравитацијата. Нашиот устав, нашето национално кредо за слобода и еднаквост, тоа веќе не е. Стана игротека на авторитативни умови и политичари без јасна визија и посветеност на уставните права и слободи. Наместо Македонија да биде лабораторија на демократијата, со „државотворните“ на власт полека станува лабораторија на авторитаризмот, каде што политиката ги ослабе институционалните браници на нашата демократија, вклучувајќи ги судовите, разузнавачките служби и демократско избраните институции. Сакаме да мислиме дека демократиите умираат од рацете на луѓе со оружје. Но постои уште еден начин да се скрши демократијата. Тоа е помалку драматично, но еднакво деструктивно. Демократиите може да умрат не од рацете на генералите, туку од избраните лидери – претседатели или премиери што го поткопуваат самиот процес што ги донесе на власт. Нашата умира на овој начин.

Се зборува дека несудениот нобеловец и премиер од „Калинич пијаца“ се подготвува за иден претседател на неговата „северна Македонија“. И мислам дека „неговата“ држава, едно општество за сите, го заслужува. Како што го заслужи неговиот клониран наследник. На Македонија некако почна да ѝ недостига фестивалот на кршење на демократските норми, што кулминира со „големата лага“ за промена на името и неменување на Уставот. Очекувам со претседателскиот мандат да се вратиме на изворот на диригираната демократија и да гледаме повторно демократска опструкција и ужасна дисфункција на системот. Повторно да ја живееме демократијата во ерата на големата лага. Со тоа што овој пат ќе добиеме надграден и унапреден демократски авторитарен систем на стероиди. Точно е дека заевизмот не ги предизвика пукнатините што полека ја раздвојуваат земјата. Тој е симптом, но тој е и акцелератор чие враќање во политиката ќе предизвика конечен дефект на системот. Наративот на неговото владеење би бил надграден од она што значи дека ако демократијата не го дава она што го сакам, во, тогаш тоа мора да биде мана на демократијата. Штетата по демократијата може да биде неизбежна во секој случај доколку заевизмот се реинкарнира. Пораката на пророците за демократска пропаст може да звучи претерано, но да се отфрли, по ѐе што доживеавме би било наивно.
Заевизмот во Македонија го устоличи култот на незнаење, кој реално отсекогаш постоел. Да се има мислење во политиката води директно во пеколот. Најдобар начин да постигнете успех во политиката е да немате никакво мислење. Ако немате никакво мислење, не ризикувајте да имате погрешно мислење. Затоа антиинтелектуализмот е постојана закана што се пробива низ нашиот политички и културен живот, негувана од лажното мислење дека демократијата значи дека „моето незнаење е исто толку добро колку и вашето знаење“. Овие погрешни поими за антиинтелектуализам се изворите на проблемите на нашето општество.

Антиинтелектуализмот најчесто се користи за контрола на граѓаните на нацијата. Тој си поигрува со човечката природа: да се создаде политичка поларизација, да се антагонизираат другата партија и нејзините интелектуални елити и да се каже дека тие се против најдобрите интереси на земјата. Овие политичари што сурфаат на антиинтелектуализмот манипулираат со своите следбеници хранејќи се со дезинформации, создавајќи алтернативна реалност каде што нацијата, очигледно, оди одлично под нивна контрола. Затоа заевизмот изрти од антиинтелектуализмот во недемократската почва кај нас. Со незнаење и глупост до власт. Растечкиот тренд на недоверба во нашите умови стана сеприсутен во македонската политика. Стана закана за власта. Затоа правењето или кажувањето глупости не е бариера за политички успех. Кај нас сигурно не. Инаку останавме без политичари.
И да се вратам на тезата од почетокот на колумната дека демократијата веќе не умира од рацете на генералите туку од избраните политички лидери. Тоа е болна, долга и тивка смрт. Бидејќи не постои единствен момент – државен удар, прогласување воена состојба или суспензија на Уставот – во кој режимот очигледно ја „преминува линијата“ во диктатура, ништо не може да го вклучи алармот на општеството. Оние што ја осудуваат злоупотребата на Владата може да бидат отфрлени како претерување или волк што плаче. Ерозијата на демократијата за многумина е речиси незабележлива. Додека не се разбудиме и видиме дека Заев ни се вратил. Повторно.

Проф. Звонимир Јанкулоски