Бугарија, залуден љубовен труд

Можете колку сакате да глумите дипломати и да зборувате за пријателската земја Бугарија, за вашите пријатели во Бугарија, но на крајот од денот, и тие и вие, не правите ништо што би можело да се нарече пријателско. За проблемот со Бугарија сум пишувал уште пред две години и за целата таа работа на другарчињата од СДСМ и ДУИ е дегутантно воопшто и да се зборува и оттаму да се влечат какви било идеи, освен за некој виц од типот на оние милион смешки што почнуваат со тезата како малиот Петар го замислува ова или она. Сосема е јасно дека тие две партии и нивните сателити ја доживуваат Владата како трибина за реализација на националните, а многу често и на националшовинистичките идеи на ДУИ, кои се единствено и само дел од корпусот на политики што водат кон федерализација и распарчување на Македонија. Тука нема ништо друго. Кој било обид да се пронајде и определи што и да е друго, што би кажал другарот Шекспир – тоа е само залуден љубовен труд.
Општо земено, сѐ што се прави и сѐ што ќе се направи понатаму во односите со Бугарија, многу, ама искрено тагувам и страдам поради тоа, ќе биде само залуден љубовен труд. Мачно ми е да им објаснувам на аматери политичари и дипломати дека тоа што тие јавно го декларираат (за жал, сѐ повеќе и повеќе сум убеден дека многумина од нив и го мислат) како ново и модерно во евроатлантските интеграции на нивната земја, во суштина такво нешто не постои! Тоа се само халуцинации, а кога јавно се кажуваат, не се ништо друго освен глупости и празни зборови. Јавната политика на соседните земји на Македонија, во овој случај на владата на Бугарија, е производ на националната стратегија на државата Бугарија, која своите политики ги категоризира според интересите на таа држава, а не според тоа дали нешто е ново и модерно. Во надворешните политики на државите нема ништо ново и ништо модерно. Тоа се стари и конзервативни идеи, убедувања, форми на догми, кои никоја нормална земја не ги менува и деконзервира затоа што во определен момент во определено време се случиле некои надворешни промени.

Партијата СДСМ, која во последните десет години е предводена од примитивни и необразовани полулуѓе, без морални и етички состојки во она малку што би можело да се нарече човечко, нема никакви потенцијали да разбере дека политиката е догма што не бара и не поднесува модификации, кои би воделе кон губење на кој било дел од личниот интерес и споделување на тој интерес со некој друг, за ништо. Ама не знам како не можат да разберат дека Бугарија од 1878 година наваму само еднаш направила модификација на својата надворешна политика кон Македонија, и тоа било во периодот од септември 1944 до декември 1948 година, по тектонското поместување на комунистичка Југославија од источниот дел на светот кон средниот запад. И последиците во Бугарија од тоа поместување не можат да се залечат ниту ден-денес, седумдесет и пет години подоцна. Секое ново големо поместување ќе води до катастрофа за надворешната политика на Бугарија.
Секоја држава, освен оваа северна малоумија, нема никакви дилеми дека надворешните односи во суштина ги определуваат внатрешните политички и општи социјални состојби, особено ако сте мала земја, а Бугарија е мала. Сега, не знам како во Скопје не можат да разберат дека во една уште помала држава, како што е Македонија, надворешната политика уште порадикално и уште подлабоко и подраматично влијае врз внатрешните политички тенденции и ги дефинира вкупните општествени односи и состојби што создаваат или хармонија или конфликти. Точка по ова прашање.
Навистина не ми влегува во глава како дури и денес, кога она што се нарекува надворешнополитички односи меѓу државите во светло на руско-украинската војна, а можат како рефлексија да се видат на телевизија (не мора да се оди по библиотеки, да се истражува или студира за да може јасно да се спознае и дефинира) наводно образовани комуњаришта немаат капацитети да разберат дека односите на државите не се промениле ниту една јота! Денес, во ова време, кои тие го нарекуваат ново и модерно, во суштина сѐ си е по старо. Сите заедно ја мразат Русија и се мразат меѓусебно, освен кога се сакаат поради стапот во рацете на Америка, која може да ги засакува и отсакува поединечно и сите заедно, кога таа ќе посака. Сѐ уште. Точка и по ова прашање.
Она што ме загрижува во целата оваа приказна е една мала ама многу важна, за мене досега невидена, модификација во надворешната политика на Бугарија, а тоа е што за првпат, во однос на Македонија, Бугарија има заеднички став со Грција. Никогаш, ама никогаш, во историјата, од 683 година, по однос на Македонија, Бугарија не се согласувала со Грција (Источен Рим) за ништо. Ниту за тоа колку е часот во Истанбул кога на Фенер, патријархот го спушта знамето на патријаршијата по вечерната литургија. Умирам од желба да ги видам модернистите и новоистите од ДУИ и СДСМ како ќе го решат проблемот со Бугарија на нов и модерен начин. Баш се забавувам.

И на крајот, она што навистина, ама навистина ме плаши дека ќе го направат е прифаќањето – барањата на Бугарија да бидат дел од преговарачкиот процес за членство на Македонија во ЕУ. Тоа ќе биде крај. Ако го прифатат тоа, да немате дилеми, драги мои, дека се работи за крајот на Македонија. Можете ли да замислите, во една мала земја во која секое подмрднување на надворешната политика, секој гест, секој збор, секоја реченица создава внатрешни општествени земјотреси и бури, што ќе се случува ако следните дваесет години, колку што ќе траат тие преговори, на секое поглавје, на секоја страница, на секоја реченица, на секој збор од тој преговарачки процес, ние се занимаваме само со бугарските и грчките барања во однос на имплементација на тие два договора? Уште повеќе, ако знаеме дека во голема мера тие два договора се спротивни еден на друг, затоа што првиот бара во текот на преговорите за членство да се утврди нова северномакедонска заедница на граѓани, а другиот пак условува поголемиот дел од северномакедонците да се редефинираат како бугаромакедонци. Кое општество може да го издржи тоа?! Ова ќе биде, драги мои, општествено цунами! Македонија ќе се претвори во балкански Либан. Од Скопје ќе направите Бејрут. Да немате никакви дилеми. А токму тоа е надворешнополитичкиот интерес на Бугарија во овој момент. Бугарија знае дека сега нема сили за пресврт во однос на Македонија како што тоа го направи Грција, оти не е и никогаш не била силна како Грција. Впрочем, во однос на Македонија, Бугарија со Грција изгуби две светски војни! Затоа, единствена можност сега се гледа во создавањето замрзнат конфликт, во кој Бугарија ќе чека погоден геополитички момент за да преземе акција, како во 1913-та, како во 1914-та, како во 1941-та и на крајот како денес, во 2022 година, кога од позиција на членка на ЕУ, Бугарија може да ја користи силата на ветото. Точка и по ова прашање од внатрешната политичка доктрина на Бугарија!
Затоа, се инсистира на преговори со кои, во суштина, Бугарија ќе преговара со Македонија, а не Европската Унија со Македонија. Јас не знам колку треба да си необразован за да се нема капацитет да се разберат толку прости и многупати повторени работи. Аман! Ако се случи тоа, замислете си само какви антагонизми и поделби ќе се случуваат во Македонија по овие прашања. Секој ден, дваесет и четири часа, седум дена во неделата, 365 дена во годината?! Па, денес од дваесет вести на дневниците на телевизиите, петнаесет се поврзани со Бугарија и со Грција! Замислете, пак, што ќе се случува тогаш. М? Ќе биде тоа распарчување на Македонија. Кластер по кластер. Поглавје по поглавје. Страница по страница ќе се раскинува и она малку што остана од Македонија и од Македонците.

Така ќе биде тоа, драги мои. Се плашам дека партијата СДСМ, како профашистичка и врховистичка организација, ова го има и како своја политичка доктрина. Сѐ што се случува во последните шест години води кон тој заклучок. На секое јавно дефинирање на божемното пријателство меѓу двете земји, Македонците само повеќе и повеќе ќе ги мразат Бугарите. Секој ден во секој поглед, владите на северната и на државата Бугарија сѐ повеќе и повеќе напредуваат во создавањето на количество на омраза на Македонците кон Бугарија. Колку страдам и колку жалам поради ова. Се обидувам да се дистанцирам од Бугарите како народ, ако е тоа можно. За мене, односите на Македонија со Бугарија се залуден љубовен труд. Тука веќе нема ниту трошка заемно привлекување. Веќе нема ниту зрно на емпатија на Македонците кон државата Бугарија. Потрошено е сѐ. Не знам кој е виновен за тоа, ама знам кој е одговорен. Историјата ќе покаже дека нема историја, туку само минато преку утврдени вредности. И, секако, да не заборавам, има една алатка на историјата како можност да потврди не кој е во право, туку кој бил во право. Ако тоа, освен за нечија суета, во иднината ќе му врши кому било каква било корисна работа?

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и универзитетски професор