Бугари во Уставот

Промоцијата на темата „Бугари во Уставот“, сега и на овој начин, всушност нема за цел да се иницира промена на Уставот, туку да се дефокусира јавноста, да се пресече позицијата на Стево Пендаровски, претседател на републиката, и да се игра на картата за „националистичка“ ВМРО-ДПМНЕ и да се изолира ВМРО-ДПМНЕ

Очигледно координирано во неколку дена темата „Бугари во Уставот“ ја промовираат Артан Груби, вицепремиер, и Димитар Ковачевски, премиер, или Владата. Првиот, Артан Груби, во телевизиско интервју ќе изјави дека го има потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за промена на Уставот со цел внесување на Бугарите во преамбулата. Тоа го заснова на информации од странски извор дека Европската народна партија (ЕПП) вршела сериозен притисок врз ВМРО-ДПМНЕ и дека само Левица е сигурно против, но и дека не сите пратеници се од ВМРО-ДПМНЕ и е сигурен дека коалициските партнери се европски ориентирани. За сериозниот притисок од ЕПП веднаш демантираше Стефан Андоновски, секретар за меѓународни односи на ВМРО-ДПМНЕ. За коалициските партнери демантираше Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија, а најдобра потврда на овој демант е тоа што Љупчо Димовски не потклекна на притисоците и не гласаше за Преспанскиот договор. Патем, од коалициските партнери има четири пратеници, два од СПМ и по еден од Демократската партија на Србите и од ГРОМ.
Вториот, Димитар Ковачевски, со медиумската објава дека ќе свика лидерска средба во Собранието за „ЕУ-интеграциите“, читај „Бугари во Уставот“. И ова е највпечатливиот демант на Артан Груби. Доколку го има потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за промена на Уставот зошто не се поднесе иницијатива за промена на Уставот, зошто лидерски средби? И чуму лидерска средба со сите политички партии, а не со ВМРО-ДПМНЕ, партијата од која зависи потребното мнозинство.
Промоцијата на темата „Бугари во Уставот“, сега и на овој начин, всушност нема за цел да се иницира промена на Уставот, туку да се дефокусира јавноста, да се пресече позицијата на Стево Пендаровски, претседател на републиката, и да се игра на картата за „националистичка“ ВМРО-ДПМНЕ и да се изолира ВМРО-ДПМНЕ. Промена на Уставот претставена како „ЕУ-интеграција“ е добра начин за дефокус на јавноста од неспособноста на Владата во справување со енергетската и со економската криза. Но истовремено ги пресретнува ставовите на Стево Пендаровски. За потсетување, во минатата недела во интервјуто за ТВ Сител, Стево Пендаровски ќе порача дека сега не треба да се брза со промените на Уставот, туку тоа прашање треба да се отвори по завршувањето на ЕУ-скринингот, кој ќе трае 14 месеци, до почетокот на 2024 година, а сега Владата треба да се фокусира на кризата. И покрај тоа што со претседателот не се согласувам за многу работи, овој став е рационален и логичен.

Сега ни треба фокус на кризата, а до 2024 година ќе има доволно време да се види како ќе се развиваат работите и со ЕУ и со Бугарија. Зошто Владата сака да отвори политичко прашање што ќе нѐ подели во време на најголема криза? Покрај дефокусот на јавноста, можен одговор е да се игра на картата на „националистичка“ ВМРО-ДПМНЕ и да го изолира ВМРО-ДПМНЕ. Со отворањето расправа за „Бугари во Уставот“ сега, каде што ВМРО-ДПМНЕ ќе биде против, СДСМ ќе ја претстави ВМРО-ДПМНЕ како „националистичка“ пред Западот, во очаен обид да опстане на власт со западна поддршка бидејќи дома е комплетно делегитимирана. Истовремено отворањето на Уставот е искушение за Беса и Алијансата на Албанците да заиграат на условување на процесот, кој ќе биде нов предизвик и нова можност за раздор во опозицискиот табор (ВМРО-ДПМНЕ, АнА, Беса) и вовед на влегување на пратениците од албанските опозициски партии во власта или на друга страна да се направи коалицирањето на опозицијата што потешко. Истовременото тврдење дека само Левица е против (Артан Груби), а ВМРО-ДПМНЕ ќе попушти, треба да предизвика одлив на гласови од ВМРО-ДПМНЕ кон Левица. Сето тоа за да се доведе ВМРО-ДПМНЕ во што потешка ситуација да формира влада по изборите. Сигурно не за да се унапреди ЕУ-агендата.
СДСМ не го интересираат ни ЕУ ни добрососедство со Бугарија. За неискреноста на СДСМ за добрососедство, последниот пример е од деновиве. Владина комисија, која нема правна основа, забранува формирање бугарско здружение „Фердинанд Први“, како популистички чин на умилкување на домашната јавност. Зошто? Фердинанд Први бил цар на Бугарија до 1918 година, така што не може да биде вклучен во групата фашисти/нацисти, за разлика од неговиот син Борис Трети. Вклучувањето нови категории забранети ликови, надвор од фашизам/нацизам, ќе нѐ води во многу арбитрарни одлуки. Ако Фердинанд Први е забранет зашто војувал во Македонија и учествувал во поделбата, листата на забранети ликови ќе биде многу, многу долга. За тоа пишував во „Со сталинизам против фашизам“. Секако, подобро е овие здруженија да избираат поети и уметници за нивни имиња, или да бидат само бугарски културен центар како тој во Скопје.

И на крајот, да реафирмирам зошто сум против промена на Уставот сега. Свесен сум дека на ирационално ниво на повеќето Македонци им е прекуглава од секакви условувања и уцени што немаат врска со ЕУ и принципи и се против „Бугари во Уставот“. На рационално ниво не сум против внесувањето на Бугарите во Уставот, но тоа да се случи кога ќе станеме членка на ЕУ, кога и да биде тоа. Пред самото членство ќе треба да извршиме промени на Уставот за потребите на членството и тогаш може да се внесат Бугарите, како и Хрватите и други заедници. Иако Хрватите го заслужиле тоа и поради реципроцитет, а Бугарите не. На тој начин ќе бидеме сигурни дека нема да има нови уцени од Бугарија, не само од комисијата за историја туку и поради „правата на Бугарите“. Сега не сме, а бугарски политичари веќе се закануваат со ново вето. Сменивме име не влеговме во ЕУ, ако внесеме „Бугари во Уставот“ и повторно добиеме вето, ќе треба да се самоукинеме. Затоа мора да се смени пристапната рамка, или ЕУ треба да го укине консензусот, што би неутрализирало бугарско вето, или треба писмени гаранции од ЕУ.

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek