Љубовниците и жените на славните личности

Некои велат дека политиката е вечна тема. Можеби е, можеби не е. Вечна тема е љубовта, од детството до смртната постела. А во љубовта, според најголем број истражувања, главниот збор го има жената, не мажот, кој, наводно, во љубовта повеќе е кукавица отколку херој.
Не е непознато дека многу славни личности низ историјата својот успех најмногу им го должат на своите жени. Не случајно се вели дека зад секој успешен маж стои жена, жената е половина успех од успехот на мажот. Но не е мал бројот на случаи кога зад стекнатата слава на некои великани стоеле нивните љубовници. Филозофи, поети, писатели, војсководци, државници, кралеви и цареви, славни јунаци биле заљубени во туѓи жени. Платон, Аристотел, Епикур, Сократ, Перикле, Цезар, Наполеон, Луј 14, сите тие инспирација за своите дела наоѓале во своите љубовници. Многу славни луѓе постапувале спрема жените различно, како да не биле луѓе од иста раса или од исто време. Платон за жените кажувал дека имаат исти способности како мажите, но не ги сакал. Во едно свое дело се двоумел дали жените да ги смести меѓу луѓето или меѓу животните. Питагора се чувал од жените затоа што верувал дека физичката љубов е штетна за мажот, бидејки го заморува и му го скратува животот. Живеел 70 години.
Грофот Камило Бенсо Кавур рекол: Тој што не знае да зборува со жени, не знае да зборува ни во Сенатот. А Кавур не е кој било. Тој е еден од главните политичари што ја обединил Италија во 1861 година и во историјата е запишан како прв италијански премиер.
Давид, најголемиот еврејски цар, го убил својот пријател за да му ја земе жената, иако за време на царувањето имал 99 жени. Неговиот син, роден од таа жена, премудриот Соломон сакал многу жени од сите племиња и колена. Имал 700 кнежевски жени и 300 иночи. Сепак, во Библијата како најзначајна жена му е пропишана прекрасната кралица од Саба. По наговор од жените, завел во Ерусалим култ на туѓи богови. Соломон умрел по 40-годишно владеење, еден од најпознатите и најпрогресивни периоди на Израел.

За жени и љубовници се воделе војни. Таков е примерот со Тројанската, најпознат од грчките митови и од Хомеровите „Илијада“ и „Одисеја“. Вљубениот тројански принц Парис ја грабнал убавата Елена, жена на Менелај, кралот на Спарта, што било повод за војната во 1200 година пред новата ера. Парис го уби Ахил, со стрела го погоди во петицата, но Троја, напредно и богато кралство, била поразена и уништена. Од антички еп е прочуена легендата за Пенелопа, позната по својата верност кон својот сопруг Одисеј, која го чекала дваесет години да се врати од војната. Во текот на тие години, таа, според легендата, имала 108 (некаде пишува 136) предлози за да се омажи со друг маж и да го прогласи својот сопруг како мртов. Пенелопа издржала, никого не одбрала.
Ако Пенелопа е синоним за верност, многубројни се примерите за жените невернички или насилнички. По такви случки бил познат Стариот Рим. Цицерон се развенчал од жената што јавно кажувала дека не го поднесува. Јулиј Цезар ја имал за жена Помпеја, ја штител покрај себе иако за неа во Рим се говорело сѐ најлошо, за однесување со лесен морал. За мудриот филозоф Катон се знае дека својата жена со радост му ја позајмувал на свој пријател за сексуални задоволства. Прочуениот Гај Мецена му бил советник и пријател на императорот Октавијан Август и се чувствувал почестено и гордо поради тоа што императорот сексуално живеел со неговата жена. Мецена им бил пријател и покровител на повеќе римски поети, како Вергилиј, Хорациј, Секст Проперциј итн. Од тоа време сѐ досега неговото презиме се користи како синоним за секој покровител на уметноста.
Многумина биографи пишуваат дека ако Данте Алигиери мислеше на својата жена, никогаш не би ја измислил Беатриче, главната личност во делото „Нов живот“, еден од најголемите и најубавите примери на љубовна поезија во европската литература. Поетската личност Беатриче, всушност, била девојката Биче ди Фолко Портинари, која Данте ја видел уште како дете. Постои мислење дека италијанските сликари насликале толку многу женски портрети токму поради тоа што биле вљубени во „мадони“, а такви жени имало особено во високите кругови. Рафаело бил еден од оние што биле задушени во прегратка на убава жена. Торквато Тасо живеел со две родени сестри, за кои пеел дека се жени облечени со сонце.

Големиот Шекспир немал љубовница, имал друга несреќа – неговата жена го изневерила со неговиот пријател, од тој мотив Шекспир напишал една драма и десетина сонети, кои до денес важат за неоспорно ремек-дело во светската книжевност. Истото тоа му се случило и на комедиографот Молиер, кој неверството го преточил во многу гледливи комедии. За љубов кон жена, Пушкин го предизвикал ривалот на двобој и во него загинал. Бајрон имал многу љубовници, на неколку им удирал шлаканици и ги турнал низ скали бесен од љубомора. Жената на големиот англиски поет Милтон, кој пее за рајски градини и ангели, го напуштила поради неговиот груб карактер. Гете, кој имал десетина јавни љубовници, во својата седумдесетта година сакал девојка што имала само 17 и ја запросил да му биде жена. Французинот Бодлер живеел со мулатка, која не била повисока од 80 сантиметри, била кепец. Првата љубовница на филозофот и математичар Рене Декарт била млада жена што имала видлив страбизам. Неговите биографи пишуваат дека тоа му останало во срцето – целиот живот имал слабост и симпатија за жени чии очи се движеле настрана од фокусот.
Љубовниците на Луј 14, најголемиот љубовник меѓу кралевите, не биле познати по убавина, иако такви можел да избира кога ќе посака. Уживал со љубовници што се одликувале со позитивен дух, отворено срце и воделе искрени разговори. Неговата љубовница Лавалиер не била повисока од метар и педесет, со избраздено лице од сипаници, голема уста, расипани заби и поткривнувала на едната нога. Тоа не било пречка за долга врска. Но, од друга страна, била образована, духовита, уста полна убави зборови. И љубовниците на англискиот крал Џекс Втори, современик на Луј, биле многу грди, дури естетски одбивни, но го освојувале срцето на кралот.

Во животот на големиот руски поет Есенин се провлекувале голем број жени, алкохол и разврат. Повеќето биле само попатни, кратки љубовни авантури, а други оставиле голема трага врз лабавиот емоционален живот и биле инспирација за неговата поезија. Иако не постојат прецизни податоци, се верува дека Есенин се оженил дури пет пати. Првиот брак го склучил на 18 години. Потоа следувал период на голем број боемски скандали и перверзни љубовни оргии, кои често го ставале на тапет на јавноста. Сепак, него го маѓепсала една жена – тоа била американската балерина Изадора (Исидора) Данкан, постара од него 17 години. Есенин имал 26, Исидора 43, но тоа не било пречка поетот да говори дека во таа жена се огледувала убавината на античката хармонија. Една од претпоставките е дека поради неа трагично го завршил животот, се самоубил со бесење во својата триесетта. Рускиот писател Иван Тургењев не си го одзел животот, но јавно признавал дека не можел повеќе да пишува откако престанал да се вљубува.
Има луѓе што не се плашат ниту од јавно мислење, ниту од власт, ниту од смрт, колку што се плашат од своите жени. Свирепиот римски генерал Сула, познат по херојството, дома живеел под терор на својата жена. Цицерон кога судел носел одлуки онакви какви што му ги диктирала жена му. Сократ умрел како бог, без страв од смртта, но ја трпел сопругата Ксантипа, позната по својата лошотија и по тоа што врз главата на филозофот фрлала со помија.
На крајот, нешто за Клеопатра VII, последната египетска фараонка од македонската династија на Птоломеите, род на еден од генералите на Александар Македонски. Позната по својата убавина и интелект, таа од пред две илјади години е запишана во историјата како една од најмоќните и најмудри жени владетелки. Била заводничка што успеала да ги маѓепса најмоќните римски императори Јулиј Цезар и Марк Антониј. Во записите на Плутарх е напишано дека Клеопатра сигурно не била меѓу најубавите жени во своето време.

Била исклучително мала и ситна, но сепак им била неодолива на мажите поради својот интелект, шарм, милозвучен глас и смисла за хумор. Најпрво била мажена за двајца свои браќа, според тогашните обичаи, за „да се зачува чистотата на крвта“, а потоа имала низа љубовници. На своја 21-годишна возраст, Клеопатра му станала љубовница на императорот Гај Јулиј Цезар, со кого добила син.
По убиството на Цезар, неговото место во Сенатот го презел неговиот посвоен син – Марк Антониј. Со самото тоа ја презел и постелата со Клеопатра. Иако многу повеќе се зборува за романсата на Клеопатра и Цезар, всушност таа и Марк Антониј живееле вистинска љубов. За нив се раскажува дека биле „пар создаден во рајот“. Постојано приредувале забави. Се венчале кратко по запознавањето, а од нивниот брак, кој траел до нивната заедничка смрт, се родиле три деца. Нивната епска љубов завршила трагично – по поразот од Октавијан Август, Марк Антониј си забил нож во стомакот, додека Клеопатра намерно се убила од гризнување на кобра, односно испила отров, по друга верзија.

[email protected]