Светот е голем и среќата демне од сите страни

Се јави госпоѓата. Амбасадорот во северната губернија имаше интервју на нејзината телевизија и таа таму кажа што се очекува да биде направено од нејзината влада, нејзината опозиција и секако од нејзиниот послушен народ. Таа ја анализираше состојбата во нејзината земја нарекувајќи ја ваша, со што мене, да признаам, ми олесна затоа што јас нејзината и вашата земја не ја чувствувам како своја, па можам уплашено да ви кажам дека ви се восхитувам на сите вас што умеете да се поделите на две и да бидете нејзини и ваши во исто време. Одлично. Секоја чест. Но да не се разбереме погрешно, кога кажувам нејзини, мислам нејзини, на земјата. Да не помисли некој дека под нејзини подразбирам дека сте нејзини, мислам на госпоѓата сопственост, нешто како души во сопственост на некого, во смисла на сопственост на „Мртви души“.
Таман работа сега тука преку делото на Николај Васиљевич Гогољ да ширам некаква руска пропаганда. Не, Русите се лоши, особено украинските Руси како погореспоменатиот писател, Русија исто така е лоша и мислам дека министерството на правдата на другарот Маричиќ треба заедно со забраната на поимот Македонија да го забрани за јавна употреба и поимот Русија. Тоа веќе ќе си биде таман во духот на евроатлантските вредности. Но тоа е друга тема. Да се вратиме ние сега кај госпоѓата. Драги мои, долго време размислував, поточно би било да се каже замислував, како и секој друг уметник фантазер, како изгледа начинот на владеење со северната губернија? Имав претстава дека навечер, или можеби дури некогаш, во вонредни ситуации, кога е итно и дење, премиерот на северната република облечен да речеме во гејша, со обелено лице, во кимоно и на налани, има тој искуство со преправања и карневали, во службениот „мерцедес“ на Груевски, инкогнито оди во Калето и таму госпоѓата му кажува што и како треба да прави во врска со сите губерниски работи што тој формално е задолжен да ги извршува.

И потоа откако ќе го испијат чајот и разменат пораки на љубов и меѓусебно разбирање, а премиерот награден за добрите дела што ги направил за нејзината земја што е и ваша, тој, премиерот, повторно инкогнито, но сега од десната страна на Калето, се симнува до долу и ги спроведува директивите, насоките и задачите што ги добил од горе. И тоа е тоа. Сум гледал јас, така е и по филмови, кога државниците одат кај царот на состанок во врска со разни важни државнички работи.
Но ова не е филм, да не ве внесувам во животот на фикциите, ова е реалноста на државата Република Северна Македонија. Ова е вашиот живот граѓани на северот. Но откако завчера на телевизија се случи овој три децении со мака граден процес на мистификација за односите визуализирани во некогаш постојните македонски народни приказни помеѓу ликовите на царот и говедарот, ми останува мене како филмаџија само да се ослободам од вообичаената трансцедентална интелигенција, која на уметниците им служи само и единствено за тоа да поврзат и стават во замена врска главно неповрзани работи, па на некаков поинаков начин да го толкувам говорот на телото и лицето на госпоѓата, кое некако, батко мој, ми се виде кисело, незадоволно од работата на власта, опозицијата, правосудството, бизнисмените, уметниците и од сите други северни чинители, вклучувајќи и од нејзиниот губерноугоден народ. Се загрижив од фактот дека работата е толку лоша, што таа е принудена да излегува по телевизија, замислете, и да ви кажува на сите дека доколку не се „опасуљите“ што би рекле Србите, сега веќе осведочени северни пријатели на Северна Македонија, има да ве најде нешто многу зафркнато, ако така може да се каже? Да си знаете. Имам некое непријатно чувство дека планот не се реализира баш по план. Иако таа изрази оптимизам дека нејзината влада има капацитети и очекува планот да биде опланет, мене се ми се чини дека работата со управувањето и живеењето во северната република не е во согласност со очекуваните резултати, па сега треба да се прави и нов, овој пат акциски план со Бугарија, оти се виде дека ако не се прецизираат акциите, работите си стојат во место.

Иако, јас во неколку наврати, како осведочен американофил, човек што е пасионирано вљубен во Америка и мојот американски „веј оф лајф“ што од дете мечтаам најпосле да стане и ваш, сум ја посоветувал госпоѓата преку колумни, што е наивно верување од моја страна дека некој чита нешто воопшто, дека со овие муфљузи што ги избрала да ѝ го реализираат и заокружат планот на растурање на северната република, нема далеку да стигне. Па овие не ги бидува бре ни да растурат како луѓе, што се вика, па, ете, повеќе од пет години растураат како говеда. И да ви кажам, ако го имате тој факт предвид, навистина разбирам што работата дошла, преку глава што се вели, па ве дотерале дотаму, да излегувате по медиуми и да им кажувате што ги чека ако не се фатат за казмите, копачите и токмаците со кои најпосле ќе се урниса сѐ што дотука го граделе оние што самоволно и неодговорно се нарекувале Македонци по род, а некогаш и нивната земја Македонија.
Драги мои, се плашам дека целата оваа ситуација е покомплицирана отколку што мислам дека знам. И дека допрва нѐ чекаат паѓања, разочарувања, разединувања, недоразбирања и нетрпеливости што можат да ескалираат до конфронтации и судири. Нема зошто да се лажеме. Допрва ќе ги видиме и ќе се соочиме со последиците од конституирањето на Република Северна Македонија и невозможноста од нејзино постење како функционална демократска држава.

Замислете кога на овој Преспанскиот ќе се придодаде Охридскиот и договорот со Бугарија и сите оние платформи, резолуции и рамки што се содржат внатре во нив, кај ќе ни биде крајот? Па можно ли е истиот тој народ, истите тие добри граѓани да угодат на барањата на тројца господари? Па дури и во театар тоа е смешно, само кога некој е слуга на двајца господари. После станува трагедија и никој веќе не се забавува. Не знам како го замислуваат ова? Наутро истиот северномакедонец да биде добар Бугарин, попладне добар Албанец, а навечер добар Грк? Тоа можеби и можат да го прават Македонци по род, кои имаат такво многувековно искуство да бидат час едно час друго, ама проблемот е во тоа што тој некогашен Македонец по род, а сега македонец/граѓанин на Република Северна Македонија она што ќе го прави да биде добро за Бугаринот, во принцип не е добро за Гркот, а уште помалку за Албанецот? Гледате што се случи со вакцините што дојдоа од Србија, како се истури тој оправдан гнев на Бугарија дека ние сега Србите ги сакаме малку повеќе од Бугарите?! Уште ако на тоа ја придодадеме можноста наскоро Србија да се пријави и со официјални барања за тоа што треба да им се даде од вашата Македонија, која само до пред триесетина години беше нивна Македонија, тогаш јас навистина не знам како мисли губернаторката да ја управува оваа земја секој ден, дваесет и четири часа, добога мили и добри луѓе!?
Па јас мислам дека ни другарот Заев, кој има капацитети да се подели во исто време на два-три начини, во две-три личности, на два-три јазика, нема да може ова да го издржи да речеме, сто години, само и поради една и единствена причина: не може да живее толку долго. Да бидеме сериозни, госпоѓата треба да знае дека решението на овој проблем не е тука кај нејзините во северната земја, туку таму во Америката каде што сигурно новоизбраните другари од Демократската партија, кои го имаат Холивуд во малиот џеб што би се рекло, би можеле од таму да ни испорачаат тука некакви робокапови и супермени, затоа што се плашам дека овој проблем со северната република не може да ги реши ниту Чак Норис. Јас немам илузии дека тие што ја испродуцираа оваа трагикомедија од држава не знаеја кон што води ова? Ако навистина не знаеле тогаш уште потешко за нас.

Но убеден сум дека оние што формално го потпишаа создавањето на Република Северна Македонија, немале поим што прават. Да не се лажеме. Ниту тогаш, а ниту сега знаат што прават. Тоа што уште се власт е само последица на изборот на губернаторката и инстиктот на преживување што кај примитивните видови е силно изразен и во голема мера е единствениот квалитет што тие прости организми го поседуваат. Можат политичарите да го релативизираат овој факт колку сакаат, ама јас не сум политичар и не мислам да бидам. Мене ми е работа да го кажувам моето мислење дури и во форма на заблуда. Јас сум уметник и имам право и обврска на лични заблуди. За политичарите не ми е гајле, тие избрале да бидат политичари и да немаат таква слобода каква што имам јас, да се заблудувам себеси и другите.
Затоа, во име на таа слобода, која и мене не ми е дадена еднаш засекогаш, туку треба постојано да ја приспособувам, преиспитувам, доградувам и на крајот да ја зачувам, за да можам да ги споделам со вас, оние што не сте граѓани на нејзината земја, на нејзините земји, вие што сте слободни луѓе во Грција, Бугарија, Албанија, Србија, во Америка и по Европа и светот, ве повикувам само да се обидете да размислувате слободно? Дали е состојба на пријателство ако го отфрлаш како право она за што како право на другиот се ставаш во негова одбрана? Дали е состојба на логичност воопшто да имаш очекувања и барања од некого кому не сакаш да му го споменеш ниту името? Па што очекувате вие од тој народ да направи за вас ако му се обраќате со тропи и синоними? Како мислите тој народ да воспостави идентификација со вас, освен како кон сила од која се плаши дека ќе биде нападнат, казнет и уништен? Не ви се чини ли невозможно да барате од некого да изврши некаква конкретна работа успешно, а таа да не биде прецизирана како треба да се изврши? Сосема разбирам дека е тешко некому да му кажете дека од него очекувате да разбере дека е само и единствено за негово добро ако мирно реши да се самоукине? Сам да реши да престане да постои. Да не се противи на ништо, дури ниту на инстиктите за самопреживување? Питомо и мирно да легне и да умре. Само затоа што вие го барате тоа од него? Па вие навистина ли мислите дека такво нешто е возможно без конфликти? Ако верувате во тоа, тогаш е нормало да се обидувате таа задача да ја дадете на некаков индиректен начин, со некои други средства, но тоа секогаш е комплицирано и бара време. И секако, извршители способни да го направат тоа.

Не знам што сѐ треба да се случи за да разбереме, недвосмислено и јасно дека во овој момент се работи на запретување на гробот на македонската нација и влегување во процес на растурање на она што остана од некогашната држава Република Македонија? Не знам што треба да се случи за да се разбере дека Владата на САД и најголемите земји-членки на ЕУ, можеби ѝ се пријатели на Република Северна Македонија, ама не им се пријатели на Македонците и на она остана од тој народ и таа нација? Не знам кој треба и на каков начин треба да ви каже дека во нивните планови за нивната земја не постојат Македонци и македонска држава. Кога ќе се соочите со тој факт, три дена едноподруго и кога ќе прифатите да живеете како што ве советуваат – во сегашноста, и кога нема да се плашите од последиците што сте слободни луѓе што слободно мислат и го споделуваат со другите своето мислење, сепак и покрај сѐ, можеби ќе можете да си ги видите и слободата и иднината. А иднината е во нас. Внатре во нашето верување во нашите можности и во нашата способност да се приспособиме, преиспитаме, доградиме и зачуваме.
И, да, не е ова првпат, исто било и деветстотини и третата, деветстотини и тринаесеттата, четиринаесетата и четириесет и првата. Тогаш првпат сме победиле само затоа што сме поверувале во себеси и своите можности да ги избереме можностите, кои никогаш не биле само едни. Драги мои, светот е голем и среќата демне од сите страни. Најлесен начин да ве уништат е да ве убедат дека вие немате никаква друга среќа надвор од среќата што тие ви ја нудат? Не верувајте им. Лажат.

Авторот е режисер и универзитетски професор