Не е слеп тој што не гледа….

Не е непозната и заслепеноста на масите од вистински или лажни лидери, од феноменот на водачите, царевите, кралевите, лидерите. Масата не само што мижи, туку чувствува слепа љубов, станува слепо орудие на владетелите, слепо послушна и е слепа за нивните грешки. Низ историјата, политичкото слепило многу народи ги заталкало во слепа улица, ги донело до слеп ѕид или до раб на бездна. Не се малку примерите на царства и држави кога политичкото слепило, било да е поединечно, групно, колективно или национално, им нанело поголеми штети од сите други општествено негативни појави, предизвици и опасности

Во некоја книга одамна имам прочитано на кој начин некои племиња во џунглите избирале племенски старешина. Според едни верувања, водач можел да им стане оној што имал најголеми очи, кој бил најокат. За него се сметало дека гледа најдалеку, дека е најпаметен, најхрабар и најправичен припадник на племето. Други племиња имале поинаков критериум – избирале некој со едно око, зашто според нивните верувања водачот со две очи е премногу силен, гледа предалеку и бара многу повеќе работи одошто племето е подготвено или е во можност да ги извршува. Кај индијански племиња водачи биле и слепци, зашто се верувало дека нештата не ги движи физичката сила туку силата на духот, која кај слепиот водач била најразвиена.
Со очите се поврзани разни симболи и феномени, голем број визуелни доживувања и сензации од слики. Како што, од друга страна, се поврзани и со разни пречки и болести што ги поматуваат, криво ги претставуваат или не дозволуваат да се видат сите убавини или грдотии, грди слики. Тие перцепции зависат како од физичкото здравје и сила на окото, така и од силата на нивното духовно восприемање. Една е перцепцијата од здравствен, друга од духовен поглед. Нас овде нѐ интересираат кратковидоста и далековидоста. Кратковидост (миопатија) е кога имаме нејасна слика за предметите што се наоѓаат на голема оддалеченост од нашето око, а далековидост (хиперметропија) е кога гледаме надалеку, а не го гледаме јасно она што ни е блиску. Просто речено, далековид е оној што го гледа она што е далеку, а не го гледа добро она што е блиску, а кратковид оној што убаво гледа пред себе, а матно гледа или не гледа сѐ што е подалеку од него.

Врз основа на тие „очни позиции“ се и симболичните обележја на личностите: далековид е оној што може да ги предвиди идните настани и последиците од некоја работа, од некоја акција, од некоја донесена поголема или помала одлука. Далековид е оној што носи нови идеи и предлага решенија што се покажуваат како исправни и одржливи долго време подоцна. Така што имаме далековиди луѓе, далековиди научници, далековиди политичари, кои го добиваат и епитетот визионер. Таквите ги има малку, тие се одбраните што нештата и општествата ги движат напред.
За разлика од нив, кусогледите на работите во животот гледаат на „кратки патеки“. Некој и без да има каков било проблем со очите до крајот на животот останува кратковид, кусоглед, и никогаш не ја согледува ширината на сликата, суштината на околината и луѓето околу себе. На линијата (на фронтот) на далековиди и кратковиди се поделија и граѓаните на поранешната Република Македонија (сега Северна) токму по прашањето за името на државата. За далековиди се самопрогласија оние што беа за промена на името, а за кратковиди беа прогласени оние што беа против. Далековиди се тие што се за НАТО и ЕУ, кратковиди тие што не се за НАТО и ЕУ или се против нив.

Друга очна карактеристична појава е – диоптријата, односно дуплото гледање. Зборот „диоптрија“ потекнува од два грчки збора – од око и од дупло, што значи дека диоптрија е кога очите гледаат дупло. Кога пред очи излегуваат дупли слики врз основа на тоа се носат дупли, по правило неправилни заклучоци. Преку дуплото гледање се создава лажна, извртена слика на работите и на настаните што се случуваат. За такви појави луѓето се сведоци кога гледаат или слушаат некои бројки, некои резултати што изнесуваат политичари, кои кога нешто е позитивно до трипати го дуплираат, а кога е негативно тродупло го заматуваат.

Нема потреба да се докажува дека најтешка форма на очно заболување е слепилото, односно загубата на видот. Постојат повеќе видови слепила: ноќно, снежно, старечко, кокошкино, слепило за букви, слепило за разликување бои (далтонизам), како и слепило за паметење човечки лица. Има духовно слепило, општествено слепило и слепило на умот, слепило за промени, појави што не зависат од здравјето на очите и за кои не треба некое големо објаснување, иако секоја за себе може да биде посебна тема.

Кога се зборува за слепилата, тука неизбежно треба да се нареди и политичкото слепило, не само како општествена состојба туку и како општествена болест. Политичкото слепило е специфично и тешко излечиво зашто тоа е состојба кога гледаш што лошо се прави а се правиш дека не гледаш, односно не согледуваш дека не гледаш. Тоа е феномен кога не се забележуваат, не се нотираат, не се земаат во обѕир или кога се игнорираат очигледните работи, кога „на она што се гледа со голо око му се гледа под око“. Во политичките теории тоа е наречено „намерно слепило“. Гледаш, а се правиш дека не гледаш. Намерното слепило придружено со новинарското слепило сѐ повеќе станува синдром на модерната политика дури и во традиционалните општества, а како што се гледа не ја одминува ниту Македонија. Не случајно се вели: „Не е слеп слепиот, неписмениот, неучениот. Слеп е оној што не сака да го види (увиди) она што го гледаат сите други“. Политички, ако сакате, и народски гледано, не се слепи само оние што не гледаат, послепи се оние што гледаат а се прават дека не гледаат што се случува.

Не е непозната и заслепеноста на масите од вистински или лажни лидери, од феноменот на водачите, царевите, кралевите, лидерите. Масата не само што мижи туку чувствува слепа љубов, станува слепо орудие на владетелите, слепо послушна и е слепа за нивните грешки. Низ историјата, политичкото слепило многу народи ги заталкало во слепа улица, ги донело до слеп ѕид или до раб на бездна. Не се малку примерите на царства и народи кога политичкото слепило, било да е поединечно, групно, колективно или национално, им нанело поголеми штети од сите други општествено негативни појави, предизвици и опасности.

Одамна се поставува прашањето зошто луѓето, во помала или поголема мера, се склони слепо и поданички да го следат авторитетот на некој водач (на царство, на држава, на политичка партија, на бандитска група и слично) и идолски заслепени да бидат подложни на манипулации, да веруваат во секоја негова лага и измама. Одговорот обично се бара низ историјата, која нѐ учи дека луѓето често настојувале да бегаат од вистината, дека свесно бегале кон незнаење и лаги за да врват во животот побезболно. Подготвени да се огрешат во својата совест, да се прават дека не го гледаат тоа што го гледаат иако јасно го гледаат. Не се само македонски изреките „и слепо и сакато тргна по него“, „меѓу слепите, тој со едно око е цар“, „пази (брани) боже слеп(о) да прогледа“