Конески: Дигитализирана светлина

Само еднаш се сретнав со Конески, а имам чувство дека сум го познавал отсекогаш. Беше тоа есента 1992 година. Мојот професор Атанас Вангелов реши да направиме симпозиум на Филолошкиот факултет, посветен на пензионираниот професор Кирил Пенушлиски. Добив задача да појдам до МАНУ и да го замолам Конески да ми соопшти тема за симпозиумот. Влегов во зградата со голема возбуда, едвај го пронајдов кабинетот, чукнав и откако слушнав едно слабо „Да“, влегов со огромна трема. Точно се сеќавам: со мало, џебно ноже Конески лупеше јаболко и го споредуваше којзнае по кој пат својот препев на Његошевиот „Горски венец“ со оригиналот. Подоцна професорот Вангелов ми објаснуваше дека Конески постојано си откривал пропусти и изнаоѓал нови решенија; дека долго собирал храброст да проба да го преведе и ремек-делото „Лачите на микрокосмосот“. Таа строгост кон себеси Конески ја менуваше за целосна благост кон другите: тоа го знаат сите што го познаваа. И кога влегов, целосно БЛАГО ми објасни што прави, иако јас ништо не прашав. Потоа многу се израдува кога слушна дека ќе правиме симпозиум за Пенушлиски. Веднаш ми ја соопшти темата: насловот гласеше „Сонце-бонце, богово јајце“. Не ми даде ниту ред „апстракт“, а мене ми беше непријатно да го прашам за што всушност ќе говори, зашто ако прашав, ќе го откриев своето незнаење. Не ми беше позната таа изрека од нашиот фолклор.
Кога по некој месец се одржа симпозиумот, Конески одржа дијамантска неколкуминутна анализа на овој фолклорен израз и мене ми се разјасни митолошкото значење на темата. Конески имаше излагање на кое и лингвисти од рангот на Роман Јакобсон и антрополози од рангот на Клод Леви Строс би останале заковани за столот. Впрочем, не случајно негови статии се печатени во меѓународни зборници со статии на научници од крупен калибар, каков што е токму Роман Јакобсон. Конески го изговори тоа свое кратко научно соопштение, како и секогаш – јасно, непретенциозно, без ниедна фуснота, но сите почувствуваме дека зад тие негови пет „едноставни“ и „лесни“ за слушање минути стојат години проучувања и многу книги и фусноти. Затоа и секогаш кога говорам за научното дело на Конески, го сметам за ТЕОРЕТСКИ ПАЛИМПСЕСТ. Тоа е актуелен текст, зад кој се насетуваат претходни туѓи текстови „во траги“, без директно да се посочуваат, сумирани во негов автентичен, „прост и строг“ научен текст. Чиста генијалност.
Но главниот настан за мене се случи кога го испраќав од факултетот до паркингот (бев задолжен за тоа), на кој го чекаше возач од Академијата. Забележав дека неодамнешниот снег веќе се топи на мермерните скалила и дека е многу лизгаво. Инстинктивно, подадов рака кон него за да му помогнам, зашто тешко се движеше. Не ни помислив дека можеби ќе го навредам. Тој застана, ме погледна со поглед што значеше „Можам сам“, но, за сега тој мене да не ме навреди, вешто ја пренамени функцијата на мојата подадена рака. Ја прифати топло и рече: „Паметно предлагате, да се поздравиме сепак овде. Вратете се во салата, има убави излагања. Многу ви благодарам што ме поканивте“. И потоа си замина сам, а јас гледав како чекори по лизгавиот мермер. Ми беше јасно дека е тоа човек што имал искуство со многу полоши нешта од лизгав терен. И дека достоинството му е над сѐ.
Конески веќе тешко се движеше, а сепак дојде на симпозиумот на својот пријател Пенушлиски. И сигурно не дојде за да ни докажува допрва каков генијален ум е. Дојде заради нешто што го имаше и професорот Вангелов, научено од Конески: знаеше да не ги заборава претходниците, зашто знаеше колку е важна способноста на една култура да се сеќава, а културата се сеќава само преку меморијата на писмото. Тоа „да не се заборави“ го имаше и кај Гане Тодоровски, а потоа го откривав постојано и кај други македонски великани: на пример, кај упорниот тетовец Кирил Пејчиновиќ. Неговото „да се знае, да се знает“ е врежано или во камен („дигитализирано“ за тоа време), или употребено во секоја проповед. Пејчиновиќ оставал „рески“ за сѐ што му го привлекувало вниманието, на камен и манастирски столб во Карпино, Старо Нагоричане или Марковиот манастир, само да не се загуби знаењето и да стигне до потомството. Затоа во камен го забележал и поминувањето на Халеевата комета од 1834, за која, како прв наш астроном без телескоп (а со длето) запишал: „звезда со опашка зјело темна и не бје подобна звездам, токо таке саде опаш по вечера огреуеше откај Солун, заождаше куде Мореја“.
Благодарение на таа „дигитализација“ на светлината во камен, ние денес знаеме дека и еден Македонец без телескоп ја видел Халеевата комета, без да знае дека таа веќе еден век има име и без да знае дека пак ќе се јави во 1986 година, кога ќе ја види цело едно соѕвездие негови потомци: Блаже Конески, Анте Поповски, Петре Андреевски, Гане Тодоровски, Михаил Ренџов… и дека еден од тие потомци, Чедо Јакимовски, ќе ѝ испее и цела збирка сонети под наслов „Халеевата комета“. Некое друго македонско сјајно книжевно поколение, да даде Господ, ќе ја види повторно во 2061 година, 75 години од последното јавување.
Георги Старделов еднаш рече дека би биле среќни ако еднаш на 100 години добиеме личност од форматот на Конески, со што асоцираше дека тој е комета. Но јас сум убеден дека станува збор за галаксија. Конески е онаа галаксија во која како осамени планети и комети ги имаме нашите преродбеници од деветнаесеттиот век: Миладиновци, Прличев, Цепенков, Жинзифов. „Планета“ на старогрчки значи токму тоа: осаменик, скитник. Сите тие претходници на Конески немаат своја држава и затоа лутаат од култура до култура, од народ до народ, од јазик до јазик, од македонски дијалект до македонски дијалект. Планети и осамени комети се и првите наши писатели од дваесеттиот век: Мисирков, Чернодрински, Крле, Панов, Иљоски, Рацин… Сите тие создаваат на јазик без држава; тие се репрезенти на една вонинституционална македонска култура без државност. Но Конески е галаксија, зашто тој веќе е феномен на една државност. И не само затоа што ја оствари кодификацијата на јазикот предложена од Мисирков, и не само затоа што ги допеа Миладиновци, Прличев и Рацин, и не само затоа што го преобрази Крале Марко од нашиот фолклор во Елиотовски модернистички симбол… туку затоа што во таа галаксија на Конески сме и сите ние, денешните модернисти, авангардисти, постмодернисти… Конечно имаме галактичка гравитација што нѐ држи заедно, да не се разлетаме… Конески нѐ обедини сите, барем оваа година. Ние, научниците го чествувавме по симпозиуми, а МАНУ, со посебен напор на мојот пријател д-р Марјан Марковиќ, направи и дигитализација на неговите дела. Не е мала таа работа: да дигитализираш светлина. Потсетува на чукањето на длетото на инаетливиот и упорен Кирил Тетоец и на неговото: „Да се знае, да се знает!“

(Со серијалот „празни зборови“ продолжувам следниот вторник.
Прекинот го правам во чест на Конески, во традиционално неговата седмица во декември, онаа во која паѓа и Свети Никола.)