Дехуманизација на смртта

Со оглед дека коронавирусот продолжува да ги загрозува животите и егзистенцијата на луѓето во Македонија, а бројките на смртноста се едни од најголемите во светот, Владата мора да се соочи со фактот дека не успеа да ги заштити своите граѓани од непосредните ризици од ковид-19, поради што мора да ја преземе одговорноста. Ако тоа не е можно пред националните судови, тогаш сигурно ќе биде можно пред меѓународните

Иако повеќето од нас ја доживуваат смртта на поединец како трагедија, многу често смртта на многумина едноставно станува статистика. Статистиката за смртта од ковид-19 кај нас одамна за власта е само апстрактна бројка, која ладно ни ја соопштува министерот за здравство на дневна основа. Да, смртта во Македонија е проектирана како бројка. Кога го немате човекот во пандемијата, многу лесно е смртта да ја направите апстрактна. Заборавајќи дека зад секој број е личност: некого што сме го сакале, ни значел и некој што нѐ сакал. Оние што умреле и ќе умрат ја заслужуваат нашата почит. Зашто луѓето не се бројки, како што ги третира Владата. Можеби дојде време да се соочи јавноста со вистинските луѓе што стојат зад бројките. Да ја визуализира смртта и да ја идентификува со личност, а не со статистика. Зашто жалиме за загубата на луѓе, тешко се оплакува статистиката.
Велат дека голема трагедија не предизвикува секогаш поголема емпатија; може контраинтуитивно да предизвика апатија. Големината на бројот на загинати или починати може да предизвика некои луѓе да станат помалку сочувствителни. Како нашиот министер за здравство. Едноставно кажано, некои мозоци се навикнуваат да слушаат за смртни случаи од ковид-19 до тој степен што повисоките бројки повеќе не се регистрираат емотивно. Можам да разберам зошто бројките ја губат својата моќ да шокираат, но, сепак, мислам дека навистина e важно да разбереме колку реално се големи овие бројки. А тие се сѐ поголеми со секој одминат ден. Затоа не смее да се молчи. Не смееме да дозволиме човечките животи да бидат сведени на бројки, зад кои лесно може да ја скриете одговорноста. Одговорноста за смртта мора да има име. Зашто очигледно дека три недели по трагедијата во Тетово, повторно смртта ја сведоа на бројка. Сакаат да заборавиме дека таму изгореа живи луѓе поради нечија вина. Кога државата молчи, жртвите треба да зборуваат. Време е државата да „се соочи“ со луѓето за бројките на умрените. И нивните барања правдата да биде испорачана. Многу скоро во легална постапка ќе биде поставено прашањето кој ја презема одговорноста за овие смртни случаи. Ова прашање ќе стане поитно откако статистичките и хипотетичките смртни случаи ќе се претворат во препознатливи луѓе – сите со роднини, повредени и лути дека животот на нивните најблиски е прекинат.
Oние што преживеаја лични трагедии во годината на пандемијата очекувам наскоро да ја конфронтираат државата со смртта на своите блиски.

Да ја натераат државата да биде одговорна за смртта наместо да се крие зад статистиката. Оваа влада наскоро ќе разбере дека смртта нема да биде само бројка, туку личности за таа бројка и ќе биде одговорна за сите пропусти во заштитата на населението под нејзина грижа од заканите на пандемијата 19, прекршувајќи ги основните права во меѓународното право за човекови права и, секако, Уставот на оваа држава: правото на живот и правото на здравје.
Доста ми е од празната реторика на министерот за здравство дека оваа влада е фокусирана на контрола на ширењето на вирусот и спасување животи, кога стапките на инфекција, хоспитализација и смртни случаи се шокантни. Колкупати досега слушнавме дека системската или структурна дисфункција во болничките услуги резултирала со тоа што пациентот бил лишен од пристап до итен третман за спасување живот, а властите знаеле или требало да знаат за тој ризик и не ги презеле неопходните мерки за да го спречат тоа, со што го довеле во опасност животот на пациентите, вклучувајќи го и животот на конкретно засегнатите пациенти од ковид-19. Личните искуства за третмани на пациенти од ковид како недостојни за почит и грижа се сликата на неспособноста и бесчувствителноста на нашиот здравствен систем за луѓето во потреба. Држава што потфрлила во аплицирање на мерките за да ги анулира причините што може да доведат до директни закани по животот или да ги спречат поединците достоинствено да го уживаат своето право на живот, поточно не презела разумни позитивни мерки…, како одговор на разумно предвидливите закани по животот, вклучувајќи и заразни и смртоносни болести, како што е ковид-19, мора да одговара за неуспехот да го заштити животот. Кризата со коронавирусот ги откри слабостите на нашиот здравствен систем што човековите права треба да ги поправат.
Додека ние ги броиме мртвите од коронавирусот, во светот правната фела подготвува терен за скапи тужби против владините дејства и пропусти што се однесуваат на здравствените и економските влијанија од пандемијата на коронавирусот.

Како граѓаните да ја направат одговорна македонската влада за задоцнето и несоодветно преземените позитивни обврски за заштита на широк спектар од здравствени и безбедносни ризици, вклучувајќи и ризици поврзани со пандемијата на ковид-19, што значат повреда на правото на живот од Европската конвенција за човекови права? За да постои повреда на членот 2 од Конвенцијата, треба да се докаже дека жртвата починала како директен резултат на државните активности или пропусти и алтернативно треба да се докаже дека државата не успеала да го заштити животот на луѓето поради несоодветни политики во справувањето со пандемијата. За да се успее во ова, мора да се докаже дека постои каузална врска помеѓу повредата на државата и штетата што ја претрпела жртвата. Што не верувам дека ќе биде проблем за смртните случаи од ковидот во периодот на задоцнетата имунизација на населението поради пропусти во владините политики за набавка на вакцини, или во случајот на 14-те изгубени животи во трагедијата во Тетово.
Со оглед дека коронавирусот продолжува да ги загрозува животите и егзистенцијата на луѓето во Македонија, а бројките на смртноста се едни од најголемите во светот, Владата мора да се соочи со фактот дека не успеа да ги заштити своите граѓани од непосредните ризици од ковид-19, поради што мора да ја преземе одговорноста. Ако тоа не е можно пред националните судови, тогаш сигурно ќе биде можно пред меѓународните.