Да се биде светлото на универзумот

Светлината е енергијата или свесноста што го обзема целото наше тело и тоа може да живее. Моментот кога таа енергија ќе го напушти телото е моментот кога настапува смртта. Таа свесност живее во друга димензија и е есенцијата на човекот

Денес сведочиме на порастот на глобалните предизвици и на можеби најголемите глобални турбуленции во поновата историја на човештвото. Но да е колку апсурдна оваа идеја, сепак таа претставува единствена можност за духовно будење, отпор против егоцентричниот ум и човековиот дефинитивен свесен вглед во трансцеденталната димензија.
Мотивацијата да одиме подлабоко во нашата душа е поголема од кога и да е. Доколку немаме предизвици, мотивацијата да ги смениме работите ќе биде минимална. Ние денес паднавме како човештво, но дали секој од нас имаше на што да се потпре? Дали во себе имаше изградено силен индивидуален внатрешен архетип за да може да му се спротистави на сѐ што доаѓа однадвор, дали денес верата е доволно силна кај поединецот? Материјалниот свет полека но сигурно се руши. На него, веќе е јасно, не можеме да се потпреме.
Кога ја губиме сигурноста или, пак, постои таква можност, најголемата мотивирачка сила е да направиме длабоки промени и да одиме чекор понапред во свесноста. За да ги избегнеме страдањата, ние мораме сигурно да чекориме понапред во еволуцијата на нашата свест.
Човекот денес е длабоко поврзан со колективното поле и чувствува страв од животот. Тука на тест повторно е ставена нашата свесност. Човекот треба да сфати дека сопствениот живот како судбина не го креира врз основа на околностите, или на она што доаѓа однадвор, туку според неговиот индивидуален одговор на околностите од надворешниот свет. Доколку свесноста е висока, доколку имаме здрав однос кон околината, тогаш ништо однадвор не може да ја разниша нашата стабилност.

Ако пак свесноста е ниска, човекот многу лесно станува жртва на сопствените околности, самиот затворајќи се во сопствените ограничености. А тука веќе слободата е узурпирана и на тоа место почнува страдањето.
Таму каде што свесноста е ниска, токму таму условеноста за сопствениот живот е со цврсти синџири поврзана со околностите. Така, денес човекот стана жртва на другите луѓе, туѓите расположенија, тој е во немилост на медиумите (кои несвесно предизвикуваат големи душевни болести кај луѓето), социјалните мрежи што генерираат огромна доза емоции за да го вклучат човекот во сопствената игра, секогаш со некоја цел.
Без да е свесен, човекот паѓа во стапицата и им верува на луѓето (најчесто што не ги познава) што го загадуваат неговото енергетско поле преку ширење страв, лутина и анксиозност.
Без претходно да создале свесен духовен имунитет, нужно е ние да станеме жртви на менталниот вирус што циркулира и нѐ инфицира многу поагресивно од овој другиот. Во едни вакви околности имаме два излеза – или ќе ја издигнеме свесноста на повисоко ниво, или дефинитивно ќе паднеме под замавот на силните енергии на промената што е нужна за нашата цивилизација.

Ние во нас како индивидуи го трупаме сето она што е акумулирано во колективното поле и ја преземаме преку идентификација целата ментално-емоционална матрица на тоа поле. (Кому досега не му беше јасна парадигмата на Матрикс, еве му шанса да се увери.)
Овој ментален вирус нѐ научи експресно брзо постојано да бидеме во страв, лутина или анксиозност и тие стануваат интегративен дел од нашиот индивидуален идентитет.
Духовно говорејќи, станува збор за несвесно живеење. Денес не е можно една во ваква ситуација човекот да се види себеси надвор од овој концепт. Но кога ситуацијата и притисокот на емотивната матрица во човекот ќе станат неиздржливи, тој ги активира сите духовни механизми, односно, како што вели Јунг, се буди еден длабок духовен архетип во душата на човекот без кој тој не би можел да живее или да оди понатаму.
Човекот како индивидуа мора денес да отстапи од оваа агонија на бескрупулозниот штетен мајндстрим што се случува на емоционално- колективното поле. Мислата и емоцијата во мигот го прават животот екстремно тежок. Имаме паралелни стравови, надворешно физичкиот вирус, внатрешно менталниот.

Ние денес мора да се стопиме со природата во целосна свесност и веќе да не го живееме животот фрагментарно како духовни инвалиди. Тоа е оној миг кога мислата трансцедентира, кога сме апсолутно во сегашниот миг, кога тонеме во него, кога кај нас се будат радоста и блесокот на убавината. Таа освестеност што ја доживуваме како светлина кога сме во молитва или медитација е всушност светлината на царството небесно, тогаш стануваме свесни за вечниот живот, за атман, за божественото, или за рајот што го носиме во себе а чека на нас да го разбудиме.
Човекот мора да освести дека за сопствениот живот самиот е виновен, дека тој го креира апсолутно на потсвесно ниво. Човековиот ум има милион соби и ако влеземе во некоја друга од оваа во која живееме денес, ние по автоматизам стануваме сосема нови личности. Човекот има безграничен број на можности. Човекот ги поседува слободата и слободниот избор дали ќе биде среќен. Најголемата илузија што ја живее човекот лежи во фактот дека некој или нешто однадвор му е потребно да е среќен, радосен и исполнет во сегашниот миг. Нема поцврст приоритет за животот од радоста на животот. Ние денес живеевме во социјалниот затвор (типичен за балканските простори), кој го искреираа масите во кои ние мораме да личиме едни на други, а кој гласи – ако не сум во социјална заедница како сите други, тогаш мојот живот нема значење.

Денес сепак ќе сведочиме на нов грандиозен исчекор во свесноста. Човекот стана богато духовно поле внатре во себеси. Новото време ја бара чистата свесност (или божественото), без нејзиното разводнување преку мислењето, концептите, старите дефиниции и програми, кои нѐ држеа цврсто стегнати во една тесна рамка, а кои беа изворот на нашите страдања. Божественото во нас може да се артикулира само тогаш кога умот нема своја наметната концепција, кога ќе се отвори слободно во слободниот свет. Она кои сме навистина ние се наоѓа на другата страна од концепциите на логичкиот ум, но живеејќи обратно, човекот денес личи на осакатена птица и ограничена еднодимензионална индивидуа.
Светата тајна е во гледањето на природата, човекот и сѐ што постои со восхит. Свесното живеење значи да се стопиме во таа светлина на природата, да го почувствуваме единството во нас со сѐ што постои и токму таа симбиоза го најавува она познато библиско дека човекот влегува во вечниот живот уште на Земјата. Човекот тогаш ја сфаќа индивидуалната бесмртност. Затоа Исус ни велеше јас сум патот во вечниот живот што се наоѓа на другата страна на ограничениот логички или сетилен ум, тој е во верата, во безусловната љубов во стопувањето со убавината на светлината.

Човекот денес мора да се разбуди и да сфати дека тој е таа светлина на универзумот. Палењето на сопственото светло значи дека целиот универзум се изразил преку индивидуалната свест што е разбудена. Долго време човекот живееше во заспана положба. Сега е времето кога мора да се случи преобразбата и тој да ја види есенцијата на сопствената егзистенција. Вклучувањето на светлата кај индивидуите оди рака под рака со растот на свесноста. Затоа, парадоксално но вистинито е тврдењето дека токму ова е времето кога треба да му се стави крај на страдањето. Ако овој живот е само сон, сепак тој мора да се појави во светлото на свесноста. Без разлика каква дефиниција ќе му дадеме на нашиот живот како сон или реалност е неважно. Важно е дека ние сме светлата што треба да ги вклучиме преку свесниот живот, светло што ќе се распламтува во бескрајните можности на љубовта. Вечноста е свесното присуство во светлото на љубовта.

Светлината е енергијата или свесноста што го обзема целото наше тело и тоа може да живее. Моментот кога таа енергија ќе го напушти телото е моментот кога настапува смртта. Таа свесност живее во друга димензија и е есенцијата на човекот.
Таа есенција е она што можеме да го почувствуваме зад појавното, кога гледаме во некој друг човек. Што чувствуваме кога гледаме во некој друг? Без таа свесност, која има своја еволуција, ние гледаме во мртво тело. Токму кога ќе го сфатиме ова, во тој миг ќе замрат сите стравови, тогаш е нашето будење во една поубава и посветла стварност во светлото на љубовта, каде што е сместена сета убавина на универзумот. Тогаш знаеме дека љубејќи го човекот, ние го љубиме божественото во него.