Филмот и филмската индустрија во Македонија, состојба на нештата

782

Системот на организирано филмско производство во Македонија по осамостојувањето беше инициран во 1998 година, кога во Владата на тогашниот премиер Љупчо Георгиевски, Комисијата за филмска дејност во Министерството за култура ја сочинуваат Илинденка Петрушева, Борис Дамовски и неколку други луѓе, кои и ги прават првите чекори кон организирано филмско производство. Тогаш се подготвува регулатива и се иницира одвојување на Комисијата за филм од министерството и создавање филмски фонд како одделна институција, која по примерот на европските земји ќе се занимава со развој, производство и дистрибуција на филм и вмрежување на кинематографијата со комплементарните индустрии.
За жал, во 2001 година се случува воениот пуч во Владата на Георгиевски, избори во 2002 година и формирањето на новата влада на СДСМ, каде што и покрај промените на тројца премиери, министер за култура од првиот до последниот ден на таа влада останува Благоја Стефановски, во која државен секретар и одговорен за филм станува Горјан Тозија. Набргу се воспоставува и системот на елиминација на сите што не припаѓаат на филмската каста на црвената буржоазија и се случува преземање на веќе започнатите филмски проекти од претходната влада преку создавање филмски продукции на доминиони, деца и сопрузи на тогаш високопоставени функционери на СДСМ и членови на таа влада, но и на сите идни комуњарски влади, претседателски кабинети и институции што ќе ги управува СДСМ, до овој момент сега, додека го пишувам ова. Ете, тогаш се создадени оние неколку филмски продукции што до ден-денешен се најголемите цицачи на државните пари од подоцнежниот филмски фонд и сегашната Агенција за филм, која е под тотална контрола на бонвиванот на комуњарската кинематографија и сопрузи, деца и внуци на комуњарски функционери.
Тогаш се случуваат аферите ФАБРИКА, ПРИСТОП, па претседателскиот кабинет на СДСМ финансира филмски продукции за организација на политички самити, и на крајот е производството на проектите НАДЕЖ 1 и НАДЕЖ 2, во кои се инволвирани филмски продуценти и режисери, што, пак, е вовед во Шарената револуција, која подоцна ќе предизвика рушење на владата на Никола Груевски и негова лична дискредитација, елиминација и емиграција надвор од земјата.

Се сеќавате на онаа сцена во која Тозија фрла презерватив со боја на портата „Македонија“ во деновите на шареното револуционерство?! Зошто е ова важно да се знае? Затоа што зад таканаречените уметници и продуценти во македонската кинематографија се кријат луѓе што се длабоко инволвирани во политика што ја поддржуваат комуњарите и која практично им ги создала кариерите во филмската индустрија, но и нивното лично богатство стекнато од државни пари и проекти. Она што е фасцинантно во целата оваа приказна е дека климаксот на грабежи во македонската кинематографија, комуњарите и децата на комуњарите го достигнаа во време на владата на Никола Груевски. Во тие единаесет години, тие беа поддржувани и финансирани со милиони за проекти завиткани во целофан и под форма на продукции од национален интерес, копродукции и фестивали. Во времето на таа влада на ВМРО-ДПМНЕ, тие практично создадоа филмска каста на избрани продуценти, режисери, актери, уметници, сервиси и компании, преку кои се потрошени безмалку сто милиони евра за филмови, кои реално чинат и до пет пати помалку од прикажаните буџети. Тоа се времиња кога се земани, внимавајте, до 280.000 евра за пишување и развој на сценарио по веќе постојна драма, но и исплаќани се и лични хонорари за режија на еден филм во висина до фантастични 420.000 евра. Сме го утврдиле ова, Никола Груевски беше драгиот патрон, златната мецена на децата на комунизмот во културата и уметноста. Тој ги обожаваше. И, секако, сакаше тие него да го „свиѓаат“. Веројатно, очекувал дека нивната љубов ќе ја купи со пари. Но нејсе, знаеме како несреќно заврши тој љубовен филм.
Сиве овие години на дивеење во македонскиот филм треба да бидат предмет на преоценување и евалуација. И, секако, да имаме на ум дека тие самите, комуњарите, во 2017 година, кога министер е шарениот културњак Роберт Алаѓозовски во Собранието на Македонија доставија програма за култура со евалуација на изминатите десет години, во која имаше нивни оцени за постигнатите резултати во филмската уметност. Таму, во официјален документ, кој, внимавајте, тие го изработиле, оцениле дека во периодот пред 2017 година, не се постигнати никакви резултати и уметнички достигнувања во уметноста на филмот! Се согласувам со комуњарите за ова.

Но нека ги објават и имињата на тие филмски уметници и продуценти што во тие години – според нив, го направиле овој филмски уметнички дебакл и ги создавале тие филмови за кои добивале десетици и десетици милиони евра?! Тогаш сѐ ќе биде јасно. Еве, фрлам ракавица. Јавно ги повикувам авторите на таа програма и евалуација да ги кажат имињата на филмските уметници што, според нив, добивале огромни пари, а не ги оствариле очекуваните резултати?! Ги знаат подобро од мене. Истражувале луѓето, нели? Во меѓувреме, Агенцијата за филм стана кафеанче на истата таа група на деца на црвената буржоазија што учествуваа и во сите политички процеси во последните пет години кога се создаваше нивната нова северна република, некои од нив заедно со татковците и децата, едни во промоција, а други во заземање на филмските буџети на државата од Агенцијата за филм, преку Здружението на филмските работници, комисиите за култура на министерството, државните филмски фестивали „Браќа Манаки“ и „Златна рамка“, многубројните лични филмски продукции, но и многуте продукции на имиња на деца, секретарки и конкубини, кои прекуноќ станаа продуценти и милионери со пари што ги црпат од државните фондови на Македонија, која очигледно ја доживуваат како уметничко бурдело. Сѐ на сѐ, зад целата ова комуњарска окупација на македонската филмска индустрија стојат десетина луѓе и нивните филмски продукции, кои во триесет години работа и цицање милиони од државни фондови не успеаја самите да произведат ниту еден единствен филм со свои средства или средства собрани од други држави, а добивале и милиони за малцински копродукции, чија намена е конекција и привлекување пари од други земји за македонски проекти.
Што е крајната цел на секое државно финансирање: создавање самоодржливи компании и развој на филмската индустрија. Дали тие луѓе и нивните компании во овие три децении произвеле една телевизиска серија? Дали тие луѓе и нивните продукции произвеле и промовирале еден директор на фотографија, еден монтажер, еден композитор, еден костимограф, еден сценограф, еден дизајнер на звук, еден каскадер надвор од Македонија? Па нели за тоа државата инвестирала во нив? Да создадат додадена вредност, да вратат на општеството во форма на нов филмски потенцијал со развој на филмски уметници во земјата и светот? Дали создадоа некаква институција за образование на специјализирани изведувачи и дефицитарни кадри во филмската индустрија? Дали тие самите имаат филмско и телевизиско образование, квалификации, знаење и вештини за да го прават тоа што го прават?

Дали по потрошени безмалку сто милиони евра инвестираа во едно студио за снимање? Во едно студио за постпродукција на звук и слика? Дали создадоа филмски фундус? Дали инвестираа во филмски град? Дали по триесет години привлекоа една странска филмска инвестиција во Македонија? Дали некој од нив донесе некоја европска или светска продукција да снима во Македонија? А гледате сите што се случува во Бугарија, Грција, Србија, Хрватска па дури и во Косово? Експанзија на филмската и телевизиската индустрија во вмрежен систем што е движечка индустрија со голем потенцијал за развој. Нема како да се побегне од фактите, драги мои. А фактите се сурови. Но сега, останува прашањето, како да се реши ова? Едноставно е.
1. Евалуација на поединечните проекти во последните 30 години, профилактика и посочување на конкретна одговорност.
2. Укинување на Агенцијата за филм и државното финансирање на филмот и телевизијата и оставање на авторите и продуцентите на правилата на капитализмот и пазарот.
Па повелете, кој е способен нека работи. Нема зошто да се грижат комуњарите, нивните деца и внуци. Целиот капитал, конекции, знаење и вештини од филмската уметност и филмската индустрија создаван триесет години со државни пари е кај нив, и тоа сигурно ќе им овозможи стартна позиција во која тие на пазарот на уметност и култура ќе излезат пред другите. И бидејќи се најдобри, ќе опстанат на пазарот и ќе ги победат сите. И така ќе докажат дека јас не сум во право кога тврдам дека тие се неспособни за ништо, ако зад тоа не стојат државни пари, државно финансирање и државна промоција на нивната уметност. И нивната и инволвираноста на нивните татковци и дедовци во политиката во оваа земја во последните осумдесет години.
Малку хумор и сатира по овие тажни редови. Во 2017 година станаа и власт, апсолутна власт што контролира сѐ. Ветуваа многу пари, дополнителни буџети, развој, инвестиции и создавање филмска индустрија. Пет години подоцна, претседателот на Здружението на филмските работници излезе јавно со критика кон Владата дека ги намалила средствата во буџетот за филм! Против Владата! Тој е против Владата затоа што наместо повеќе од претходната влада на ВМРО, оваа, неговата влада, сега вложува помалку во нивното гранапче! Мене не ми е смешно. Тажно ми е. Како ќе се живее?

И сосема на крајот, една мала фуснота за комуњарските културњачки и уметничарски мимикрии и нивната тотална инволвираност во политиката и служењето на идеи во кои веруваат додека се плаќаат, секогаш со државни пари, секако. Во филмот „Трето полувреме“, за кој Бугарија нѐ обвинува дека е говор на омраза кон Бугарите и нивната историја, а повикуваат дури и за негова забрана, е таму, ни повеќе ни помалку копродуцент и извршен продуцент е Горјан Тозија. Филмот е сниман во 2012 година и финансиран е со околу два милиони евра државни пари во време на владата на Никола Груевски. Четири години подоцна, во 2016 година снимен е филмот „Ослободувањето на Скопје“, во кој повторно Бугарија и Бугарите се претставени како окупатори, поробувачи и измачители на македонскиот народ. И на тој филм, драги мои, создавач, производител, односно негов продуцент е повторно Горјан Тозија. И тој филм има буџет од неколку милиони евра. И тогаш сѐ уште премиер на Владата е Никола Груевски. Ја разбирате ли мимикријата? Зборувајте ми сега за тоа кој ги нарушува добрососедските односи и европските вредности?! И како филмови треба да се снимаат откако претходно ќе бидат одобрени од историски комисии. Само да ве потсетам, историјата е она што допрва ќе се случи.

Авторот е режисер и универзитетски професор