Зошто третата опција е императив?

На последните три парламентарни избори (2011, 2014 и 2016 година), коалициите на двете македонски партии освоија 98, 95 и 100 места во Собранието. Односот ВМРО-ДПМНЕ:СДСМ беше 56: 42; 61:34 и 51:49. Иако двете беа далеку најмногубројни во Собранието ниту една немаше мнозинство за да формира влада, освен минималното во 2014 година. Најтрагично беше во 2016 година. Тогаш дојдоа до израз албанските 20 пратеници, кои, по надворешен диктат, одлучуваа кој ќе ја води земјата и како. Почнаа нови нивни калкулации и уцени. Тешко е да се замисли дека во блиска иднина која било од двете македонски партии ќе обезбеди повеќе од 61 пратеник за да не биде непринципиелно условувана.

Тоа е главната причина зошто е итно потребна трета опција. Тоа може да биде и движење во кое ќе нема измешано лични и партиски интереси. Ако се подготви добра и коректна национална и државна платформа, не е неможно таа да освои и повеќе од 25 пратеници. Латентните гласачи би биле од сите македонски партии, од тие што досега апстинирале, а зошто за неа да не гласаат и Албанци што ѝ се лојални на оваа држава и не се задоени со големоалбански илузии. Двете најголеми македонски партии нека ги поделат другите места во Собранието во каков било однос: од преостанатите 72 места (од претпоставени добиени 97), победничката ќе освои околу 40, а поразената до 32. Со најмалку 25 пратеници, третата опција ќе го диктира темпото, а не Албанците со нивните неуставни барања. Никој нема да може без неа да формира влада и таа ќе биде во позиција да поставува услови само во интерес на државата и граѓаните. Ако третата опција навистина биде чесна, патриотска и реформска, бидејќи нема да мора да манипулира заради добивање или задржување во власта, може да биде дури и победничка. Слично се случи во Бугарија, кога поранешниот цар, Сакскобурготски, успеа да ја добие власта и да ја внесе Бугарија во НАТО (2004) отворајќи го патот за ЕУ (2007). И Форца Италија, на Берлускони, беше нова опција. Така победи и Макрон, во Франција.

Ако се оди на трета опција, мора веднаш да се каже дека некои од преамбициозните отпадници од ВМРО-ДПМНЕ во никој случај не можат да ја понудат. Доволно се виде кои се и какви се тие. Со нив можеме само назад, не напред.

Изборите во 2016 година покажаа дека двете длабоко поделени македонски партии се неупотребливи бидејќи нивните 100 освоени пратеници беа помалку важни од 20-те на албанските партии, кои ја диктираа Владата и овозможија погубни политики за македонскиот народ. Апсурдот беше максимален и со сигурност може да се гарантира дека тој ќе се повторува на сите следни избори. Да не забораваме дека странците (САД) одамна се обидуваа да ги обединат Албанците против Македонците. Сега тоа се случува, иако нивните меѓусебни конфронтации си останаа. Затоа е потребна итна акција за да се спречи понатамошно бришење на македонскиот карактер на државата.
Кога двајца се караат, третиот секогаш користи. Албанците со право капитализираат на непремостливата поделеност на Македонците и кога се во прашање нивните најстратегиски интереси. Неверојатно обединети и единствени околу националната кауза, тие заслужуваат најголема почит. На партиски план, и во борбата за власт, и тие си ги вадат очите ама прецизно разликуваат што е суштинско и важно за нив како народ, а што е дневна политика. Македонците немаат такви сознанија. И без недвосмислената поддршка што ја имаат од САД и само тие 20 пратеници се доволни да ни ја кројат капата и да ни прават што сакаат. Изборите од 2016 година јавно ја демонстрираа македонската ранливост поради поделеноста. Двете главни партии и не помислуваат заедно да прават влада, како Германците, на пример. Такво нешто не доаѓа предвид. Ако сме присилени на понижувачки договори со Бугарија и Грција, зошто да правиме компромиси меѓу себе? Националните и државните интереси не можат да бидат поважни од личните и партиските.

Ако двете македонски партии во 2016-та формираа широка коалиција, во која би влегле сите или дел од албанските, не ќе можеше да ни се случат трагедиите што следуваа. Но таа беше невозможна, бидејќи надворешна сила го донесе СДСМ на власт за да испорача историско виткање на ’рбетот на Македонците и нивно бришење. Ги донесоа бидејќи јавно се декларираа дека не се патриотска партија. Другата опција може да биде само – предавничка. Практиката го потврди тоа.
Опишаните состојби единствено можат да се надминат со појава на трета опција на македонската политичка сцена и тоа додека не е предоцна. Најдобро би било таа да „заигра“ веќе на следните претседателски избори. Таа би можела да биде и за еднократна употреба, да го запре ова наше летање прудолу, во бездната во која нема место за Македонците.

Нашиот народ секогаш имал длабоко конфронтирани лидери. Тоа никогаш не било случајно ниту резултат само на нивните слаби национални и државнички капацитети. Тие биле жртви на игрите околу Македонија, било на соседите, било на другите меѓународни фактори. Така било и кога сме биле без своја држава, така е и сега кога не знаеме да ја владееме и зачуваме оваа што ја имаме. Поделеност имаше и за време на Југославија ама последиците не беа толку страшни, иако не беа за потценување.
Овие наши болки нагласено се манифестираат по независноста на државата кога до целосен израз доаѓаат туѓите интереси и последиците се видливи со голо око. Денешната поделеност меѓу Македонците е во голема мера резултат на потребите на единствената суперсила. По распадот на федерацијата, веднаш се виде дека самостојна македонска држава не е прифатлива за Вашингтон, кој е менаџер на сите овие наши голготи, сесрдно поддржан од Берлин, Париз, Лондон… Поради тоа: а) почна организиран процес на непризнавање на државата; б) дојде до нелегална суспензија на уставното и историско име и наметнување на референца, за бришење на Македонците (1993); в) следуваше силеџиска блокада на границата; г) ни се подметна поразителна привремена спогодба (1995); д) имавме албанска воена агресија од Косово во организација на САД (2001), која заврши со целосна промена на уставниот карактер на државата, наметната со сила (ОРД); ѓ) се спроведува албанизација на земјата (2004); е) добивме нецивилизациска блокада на нашите интеграциски процеси со безобразен ултиматум и уцена – прво името потоа членство (2008); ж) нѐ присилија на неуставен договор од Пржино… з) стигнавме до капитулантските договори со Бугарија и Грција и „тиранска платформа“, кои повторно уставно ја преуредуваат земјата заради нејзино понатамошно албанизирање…

Сите овие настани, регистрирани во последните триесетина години, кои кулминираат сега, длабоко и неповратно го засекоа македонското национално ткиво. Ако некогаш имаше макар теоретски шанси да дојде до минимално меѓумакедонско помирување, денес такви можности веќе нема. Македонец на Македонецот, од другата политичка партија, дефинитивно е – волк. Македонското помирување не е само неможно туку и незамисливо. Сѐ што е за едните бело, за другите е црно. Сознанието е трагично и страшно ама – точно. Спас може да биде само третата опција.
Македонската политичка сцена е карактеристична и по својот албански фактор чии лидери, по распадот на СФРЈ и особено по 2001-та, недвосмислено и веќе отворено работат на финализирање на големоалбанската кауза. Со независноста на Косово таа е веќе над 70 проценти реализирана и најактуелна моментално е токму Македонија. Војната од 2001-та и ОРД не успеаја докрај да ги елиминираат Македонците и затоа дојде „тиранската платформа“, како крем на тортата.

Целосната американска поддршка на албанската кауза е нашиот најголем хендикеп што го „голтаме“ бидејќи немаме соодветен одговор. Повторуваме фрази („стратегиски партнер“), кои нѐ прават крајно неодговорни ама и недоветни. Игнорирањето на вистината секогаш води во пораз. Додека тие на софистициран начин, однатре, со „демократски средства“, го рушат македонскиот карактер на државата, елиминирајќи го и македонскиот народ, ние молчиме. Манипулациите на последните парламентарни избори (2016), планирани и контролирани од нив, на директен и уверлив начин го потврдија тоа. Се сеќавате ли дека неколкупати ги одложуваа, додека не созреаја условите што им беа потребни? И, на што работеа? И Албанците да гласаат за СДСМ! Тоа е врв на американскиот цинизам во третманот на Македонија.

Сето ова има уште една важна димензија. Албанските лидери успеаја да ги стават во зависна позиција македонските политичари наметнувајќи практика дека без нивна поддршка, или прифаќање, тие не можат да бидат избрани. Воспоставија систем според кој, ако Македонците сакаат да дојдат или да останат на власт, тие мораат да им ги исполнуваат желбите на албанските коалициски партнери, кои, во најголем дел, се противуставни и спротивни на фундаменталните интереси на македонскиот народ. Тие мораат да внимаваат и на секоја своја изјава, за да не се конфронтираат со албанските нелегитимни интереси. Примери за тоа има безброј. Последна е уцената со „консензуален претседател“. Иванов го игнорираа, а победничката партија тоа го толерираше.

И, кој е виновен за сето ова што ни се случува?