Здружението на контролори на летање на Македонија (ЗКЛМ) денеска се огласи во врска со безбедносниот настан на небото над Скопје од 7 септември, порачувајќи дека застанува во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите, кои, како што нагласува, се мета на неосновани осуди. Прогласувањето на овој настан за „сериозен инцидент”, порачува Здружението, без притоа да се проверат фактите не оди во насока на правично и вистинито расветлување на случајот.
Според ЗКЛМ, навремено е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор и е процесирана од релевантните одделенија, служби и институции, кои понатаму постапуваат по пријавениот настан, согласно постоечки правни процедури и никогаш не станувало случај за заташкување на настани. Напоменува и „дека Flightradar24 не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци“.
ЗКЛМ во соопштение наведува дека воздухопловниот транспорт е комплексен систем сочинет од луѓе, процедури и технологии, кои меѓусебно соработуваат и дејствуваат со цел создавање на најбезбеден начин на патување.
Појавата на безбедносни настани во воздухопловството, укажува Здружението, е секогаш последица на сложена интеракција на поголем број на фактори, кои делуваат на начин кој го преоптоварува безбедносниот систем и резултира со непосакуван исход. Поради критичната важност на безбедноста во работата, контролор на летање е професија со високо ниво на одговорност. Македонските контролори на летање се соодветно обучени професионалци, кои со највисоко ниво на квалитет опслужуваат рекорден број на летови, честопати во тешки временски услови, кои оперираат под нивна надлежност за безбедно и редовно да стигнат до нивните дестинации. ЗКЛМ застанува во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите, кои се мета на неосновани осуди, стои во соопштението.
Воспоставувањето на култура на праведност во воздухопловството, се дополнува во соопштеието, резултираше со висок стандард за безбедност, со што воздухопловните незгоди и инциденти станаа исклучително ретки, но сепак не се целосно непостоечки и се случуваат кај нас, како и во Европа и светот. Прифаќањето на системски пристап при истражувањето, наместо индивидуално обвинување е клучно за зајакнувањето на безбедноста во воздухопловството.
-За настанот од 7-ми септември, навремено е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор и истата е процесирана од релевантните одделенија, служби и институции, кои понатаму постапуваат по пријавениот настан, согласно постоечки правни процедури. Никогаш не станувало случај за заташкување на настани. Прогласувањето на овој настан за „сериозен инцидент”, без притоа да се проверат фактите не оди во насока на правично и вистинито расветлување на случајот. Напоменуваме дека Flightradar24 не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци- наведива ЗКЛМ.
Ги повикува медиумите кои известуваат за овој настан, како што наведуваат, да го одржуваат нивото на новинарски интегритет и објективно известување, да го почитуваат текот на истрагата според пропишаните норми и пракси во воздухопловството пред да објавуваат за вакви чувствителни теми, како и воздржување од давање на паушални коментари сѐ до добивање на официјални и финални резултати. Дополнително, апелираат да се избегнува ширење шпекулации и коментари во врска со настанот на социјалните медиуми, кои можат да бидат погрешно интерпретирани.
По медиумските објави дека на небото над Скопје на 7. месецов е избегнат судир на два цивилни авиона, Агенцијата за цивилно воздухопловство за МИА потврди дека Давателот на навигациски услиги М-НВ уредно пријавил безбедносен настан и посочија дека Агенцијата ќе постапи по него.
И Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) најави дека ќе отвори истрага. Од понеденик во М-НАВ, како што најавија, во М-НАВ ќе ги направат потребните разговори, ќе ги преслушаат снимките од разговорите на контролорите со пилотите на авионите и ќе ги погледаат снимките. – Ние не утврдуваме вина, туку причина која довела до ваков инцидент. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти, па ќе ја информираме јавноста. Се друго во моментот ќе биде шпекулација, изјави претседателот на КИНСИВ Зоран Илиевски.
Како што соопшти Давателот на навигациски услуги М-НАВ, во пропишаниот рок поднесена е пријава за безбедосниот настан и отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините.
Од М-НАВ потенцираа дека таквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија.
– На 7 септември во 18.30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури – наведе М-НАВ во соопштение.
Порталот СДК.мк, повикувајќи се на сајтот за следење летови Флајтрадар24, објави дека авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18.32 часот.