На Криволак денеска се изведе најголема мултинационална вежба „Брз одговор 23“ која оваа година се одржува во државава и со која се демонстрира обединетост на НАТО. Вежбата успешно беше завршена од страна на нашата Армија заеднички со три НАТО армии – САД, Албанија и Црна Гора и земја партнер на НАТО – Косово.
-Заедно ги покажуваме нашите вредности и потенцијали, а тоа е суштината на НАТО преку заеднички акции да се обезбеди индивидуалниот и општиот мир за сите. Република Северна Македонија не е веќе објект на геополитичка сцена, туку субјект кој активно учествува во носење на одлуки на иста маса со светски супер сили – рече денеска премиерот Димитар Ковачевски по изведба на вежбата.
Ова, како што рече Ковачевски, е најдобар демант за тие кои беа против зачленување во НАТО пред три години.
-За Северна Македонија зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е еден од врвните приоритети. Со договорот за ФРОНТЕКС и зачленување во НАТО ги заштитивме нашите идентитетски одредници, нашиот јазик и нашата култура. Нашата држава е посилна и постабилна од кога било, и политички и економски – порача Ковачевски.
Тој испрати порака и повик за сплотеност, заедништво, обединување и издигнување над, како што рече, нашите политички, идеолошки разлики во име на поквалитетен живот и посигурна иднина за сите нас и идните генерации.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска нагласи дека брзите промени бараат брзи и одлучни одговори, а за нив, како што порача, мора да сме подготвени заедно со нашите сојузници.
-Ниту една држава, ниту една Армија не може да бидат врвни доколку не се здружени. Нашето единство во НАТО е нашата сила. Во НАТО чекориме рамо до рамо обединети со прогресивните сили на светот и нашиот партнер САД подготвени да одговориме на заканите без оглед на тоа од каде доаѓаат – рече Петровска.
Придобивките од сојузништвото во НАТО, како што рече, се пред се за граѓаните и нивното чувство на припадност, безбедност и сигурност.
-Солидарноста е клучот на успехот и напредокот особено во тешки времиња. Силата е во различностите, во секоја смисла. Секој успех е заеднички успех – рече Петровска.
Фото: ЦУК