Камен темелникот се постави со аплаузи и насмевки, но оттогаш состојбата на болните од карцином во Југозападниот регион нималку не е подобрена - Фото: Менде Младеновски

Во Клиничката болница во Битола и по десет години не е ставен во функција акцелераторот за третман на малигни заболувања

Деновиве, кога во Македонија топ медиумска тема се лекувањето и третманот на болните од малигни заболувања, во битолската јавност сѐ погласно се зборува за маките и патешествијата на болните од карцином и нивното лекување. Болните од оваа тешка и подмолна болест во Битола и околните градови, од Југозападниот Регион мора да поминуваат стотици километри за да добијат радиотерапија во Скопје, која им помага во лекувањето на малигните заболувања. Политичарите со децении им ветуваа на болните од рак дека ќе може да ја добиваат таа терапија и во Битола, но засега нема ништо од тоа.

Што е направено од поставувањето на камен-темелникот до денес

Кога на 19 март 2013 година поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во дворот на Клиничката болница го постави камен-темелникот за изградба на бункерот, во кој требаше да биде монтиран акцелераторот, кај болните од карцином се појави искра надеж дека со пуштањето во работа на акцелераторот, кој требаше да им помогне во зрачењето на болните од карцином не само од Битола туку и од Југозападниот Регион, ќе им се олеснат маките, барем да не одат на зрачење во Скопје.
– Со изградбата на овој објект, чија вредност е 45 милиони денари, и со набавката на линеарниот акцелератор од реномиран шведски производител во вредност од 1,6 милион евра, Битола ќе стане втор онколошки центар во Македонија, по Скопје. Во овој регион со околу 200.000 жители, годишно околу 1.600 пациенти имаат потреба од зрачна терапија, која досега ја добиваа на Клиниката за онкологија во Скопје. Но со изградбата на бункерот и поставувањето на акцелераторот, процес што во согласност со договорот треба да заврши во рок од шест месеци, граѓаните од регионот, од Прилеп, Ресен, Крушево и од други градови, ќе може да ја добијат зрачната терапија во Битола – изјави на 19 март 2013 година Никола Тодоров, по ставањето на камен-темелникот во Клиничката болница во Битола.

Фото: Менде Младеновски

Оттогаш изминаа повеќе од десет години, а од ставањето во функција на акцелераторот во Клиничката болница во Битола нема ништо. Акцелераторот, кој требаше да биде готов за шест месеци, и денес, по изминати повеќе од 10 години, не е готов и не е пуштен во употреба. Изгледа на него не само што заборавија болните од малигни заболувања, кои и натаму на зрачење патуваат за Скопје, туку заборавија и тие што го ветија овој проект од витално значење за болните од карцином.

Изградбата на бункерот и ставањето во функција на акцелераторот во Клиничката болница беа најголем (политички предизборен) проект на бившиот градоначалникот на Битола, Владимир Талески, и министерот Никола Тодоров, како и на бившиот премиер Никола Груевски, кои присуствуваа на ставањето на камен-темелникот.
– Ги направивме сите потребни предуслови за да почне реализацијата на овој проект, за што Министерството за здравство ни даде безрезервна поддршка. Во согласност со надлежностите, ние во општината изработивме детален урбанистички план, ја подготвивме целата потребна документација и донесовме одлука за ослободување од комуналниот надоместок за изградба на акцелераторот. Овој заеднички проект на Општина Битола и Владата ќе овозможи да им се продолжи животот на многу наши сограѓани од Битола и регионот што се болни од рак – истакна на свеченото почнување на градежните работи поранешниот градоначалник Владимир Талески, означувајќи го почетокот на работите во 2013 година.

И денес никој не знае кога точно тој воопшто ќе проработи во Одделението за онкологија!?

Но оттогаш во Клиничката болница во Битола се сменија неколку директори, неколку министри си заминаа од Министерството за здравство, со функцијата се збогуваа и неколку премиери, а од изградбата на акцелераторот во Клиничката болница во Битола сѐ уште нема ништо.

Во периодот што следуваше, во градот под Пелистер се зголемуваше бројот на заболени од рак, кои наместо во Битола, на зрачење мораат и натаму да патуваат во Скопје. Тоа што најмногу ги погодува битолчани е што во изминатите 10 години, откако почна изградбата на бункерот за акцелераторот, од овој свет си заминаа голем број болни, кои не дочекаа да се зрачат во Битола.

Како што се менуваа министрите и директорите на Клиничката болница, така се менуваа и ветувањата за пуштањето во употреба на акцелераторот.
Но, за жал, од сето тоа и по 10 години нема ништо. Тоа што најмногу ги загрижува болните од ова тешко заболување, не само од Битола туку и од Југозападниот Регион, е што сега, по десет години од означувањето на почетокот на работите за изградба на акцелераторот, никој не знае кога точно тој воопшто ќе проработи во Одделението за онкологија.

За иронијата да биде поголема, иако во времето на изборната кампања беше најжесток критичар за доцнењето на изградбата на акцелераторот, во тој список на лажни ветувања се вклучи и бившиот заменик-министер за здравство поставен од СДСМ, Гоце Чакаревски, кој при една посета во Битола вети негово брзо ставање во функција.
– Битолчани треба да знаат дека со промената на власта, Министерството за здравство се зафати со работа да се пристапи кон монтирање на акцелераторот. Исконтактиравме со сите изведувачи, оние што ја набавија опремата, се работи со одредена динамика и се надевам дека во следните шест месеци ќе се пушти акцелераторот, со што пациентите по оваа здравствена услуга не ќе мора да патуваат во Скопје – изјави во една пригода заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски.
Но и Чакаровски, кој веќе одамна не е заменик-министер, не го погоди рокот.

И додека надлежните здравствени институции и Министерството за здравство постојано го одолжуваат рокот за ставање во функција на акцелераторот во Клиничката болница, бројот на заболените од рак во Битола постојано расте.
Податоците на здружението „Јасмин“ покажуваат дека во Битола неофицијално има над 2.700 заболени од рак. Тоа што особено загрижува е што бројот на заболени од рак постојано се зголемува. Ако порано во Битола секој ден имаше најмалку по еден новозаболен од карцином во просек, сега таа бројка изнесува по двајца новозаболени од рак на ден, од кои, за жал, најголемиот број се млади луѓе.

Во таква ситуација, покрај со болеста, болните од рак мораат да се борат и со огромните трошоци што ги плаќаат при одењето на терапија во Скопје. Нивните надежи дека со ставањето во употреба на акцелераторот не ќе мора да патуваат во Скопје се изјаловија. Сега ним не им преостанува ништо друго туку да се надеваат дека ќе се остварат ветувањата на лекарите дека без зрачење ќе ја победат оваа тешка болест.

Во Битола велат дека над 1.600 пациенти од Југозападна Македонија имаат потреба од зрачна терапија. Знаејќи го овој проблем, уште од стапувањето на директорската функција на Клиничката болница во Битола, директорката д-р Елизабета Ивановска, активно се вклучи во негово решавање. Но како и неа да ја напушта оптимизмот.
– За да се пушти акцелераторот во работа е потребно да имаме КТ-симулатор. Станува збор всушност за компјутер што ги означува деловите каде треба да се зрачи. Ние како болница сами не можеме да го набавиме. Компјутерот треба да го купи Министерството за здравство. Ние веќе имаме пуштено барање во Министерството за здравство, но барем досега немаме никаков одговор – ни изјави директорката д-р Елизабета Ивановска, која на прашањето колку чини тој КТ-симулатор ни одговори дека е доста скап, а колку изнесува неговата цена не сакаше да шпекулира и нѐ упати да се обратиме за одговор во Министерството за здравство.

Инаку, за време на мандатот на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров беа набавени четири линеарни акцелератори. Еден за градската болница „8 Септември“, кој свечено беше пуштен во употреба во 2019 година, четири години откако беше купен. Вториот беше наменет за државната клиника за онкологија и беше поставен во 2015 година, две години по неговата набавка. Другите два линеарни акцелератори беа наменети за Битола и Штип, но сѐ уште не се ставени во функција.
Кога овие акцелератори ќе бидат ставени во функција засега никој не знае, па ни сегашниот министер за здравство д-р Фатмир Меџити.