Денес, попладне се одржува последната работна средба помеѓу Самостојниот синдикат за образование наука и култура (СОНК) и Министерство за образование и наука (МОН) закажана преку овластен помирувач, на која се разговара за зголемување на платите на вработените во училиштата и во градинките.
-Денес во 18 часот, на Зум-апликацијата ќе се одржи последната работна средба помеѓу СОНК и МОН закажана од овластениот помирувач – информираше Неделков.
На претходната, која се случи во петокот, Јаким Неделков, претседател на СОНК информираше дека преговарачите „дошле до некакви заеднички ставови“.
Денес истекува десетдневниот рок предвиден за крај на преговорите со вклучен медијатор, поради што штрајкот во училиштата и градинките беше ставен во мирување, но постои законска можност за активирање на дополнителен период од десет дена за да се дојде до подобро решение, прифатливо за двете страни во спорот.
Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за усогласување на платите со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК.
-Повторно има нијанси на размислување за дополнително зголемување на процентот од 12% меѓутоа кога и за колку, тоа се детали кои сè уште ги утврдуваме, а за жал ниту министерот не може да излезе официјално со став бидејќи сè уште ги нема точните информации од Министерството за финансии – изјави Неделков во петокот.
Тој истакна дека преговорите може сериозно да бидат нарушени доколку на вработените не им бидат исплатени дневници за деновите кога штрајкувале.
-Доставивме барање или иницијатива до МОН за исплата на дневници врз основа на колективен договор. Имаме основ за тоа и скоро сме сигурни дека ќе бидат исплатени во дејноста образование. За жал, имаме проблем во труд и социјална политика, што може да биде сериозен проблем за нарушување на процесот на преговори – рече Неделков.