Фото: Фејсбук/Венко Филипче

За првпат во Македонија е направена операција на мозок на свесен пациент (awake brain surgery), објави неврохирургот и поранешен министер за здравство Венко Филипче.

– Операцијата ја изведовме кај млада пациентка која имаше тумор блиску до центрите за говор и движење на десната рака и нога. Предноста на „аwake brain surgery“ е поради неопходната соработка која хирургот ја има со пациентот додека трае операцијата. За да се отстрани максимална количина на тумор без да се оштетат центрите за говор и движење, хирургот комуницира со пациентот. Мозочното ткиво не содржи рецептори за болка, па самиот тек на операцијата е безболен – напиша Филипче.

Тој додаде дека операцијата поминала одлично, при што туморот бил отстранет.

– Кај нашата млада пациентка операцијата помина одлично. Туморот е изваден до максималните можни граници и пациентката се чувствува добро. Им честитам на тимот анестезиолози предводен од д-р Весна Дурнев и упатувам благодарност до колегата д-р Игор Лазиќ од Клиниката за неврохирургија во Белград. Драго ми е што моите млади колеги имаа голем интерес и желба да бидат повторно мој верен тим во операционата сала – објави Филипче на социјалните мрежи.