Фото: МИА

Процесот на проширување е врвен приоритет на Европската Унија. Правиме напори да заврши процесот на реформи во Македонија и што побргу да се постигне целта, земјата да стане членка на ЕУ – изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Михалис Рокас, одговорајќи на новинарско прашање, за време на неговата посета на Тетово.

Тој посочи дека во моментот во тек се повеќе дипломатски активности во врска со ова прашање, потенцирајќи дека новото раководство на ЕУ прави многу напори за Македонија да стане дел од европското семејство.

-Во моментот во тек се многу дипломатски активности во врска со ова прашање. Премиерот на Северна Македонија беше во посета на Брисел каде што се сретна со новото раководство на ЕУ, а следната недела, на 18 декември, ќе има уште една можност да го посети Брисел, во рамките на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Јас мислам дека од страна на новото раководство на ЕУ е јасно кажано дека процесот на проширување е врвен приоритет, вклучително и со Северна Македонија. И Делегацијата на ЕУ прави огромни напори да заврши процесот на реформи за Северна Македонија и таа да стане членка на ЕУ. Каква било друга дополнителна поддршка или дипломатски активности се повеќе од добредојдени – рече Рокас.