Фото: Ка. М.

Во Прилеп денеска се одбележа христијанскиот празник Голем или Источен Петок – Балаклија, којшто се слави секоја година на првиот петок после Христовото Воскресение – Велигден. Утрово во манастирот св. „Архангел Михаил“ во Варош се одржа Божествена литургија. Голем број верници го посетија манастирот за да посакаат многу здравје и среќа.

Денеска е и семејна слава на прилепчани кои живеат во населбата Варош, па многу семејства ќе пречекаат гости.

Според преданието на православната црква на овој ден се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него.

Фото: Ка. М.

Христијаните си спомнуваат и за многуте чуда што се случиле во тој храм посветен на Богородица.

И во манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Прилеп се наоѓа извор за кој се верува дека има лековита вода. Токму и поради овој извор денеска,не само прилепчани, тука доаѓаат и голем број посетители од цела Македонија за да се измијат и напијат вода од изворот. Ка.М.