Фото: Макфакс

Градоначалникот на израелски Шаар Ханегев, Офир Либштајн, што годинава беше во Битола на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи, загина денес за време на оружените судири со Хамас, пренесува „Макфакс“.

– Офир беше убиен кога отиде да го брани градот за време на терористичкиот напад – соопшти Советот на Шаар Ханегев.

Либштајн во март годинава дојде во Македонија, заедно со Рахел Шели Леви Друмер, македонска Еврејка, внука на доктор Хаим Абраванел, чие име го носи здравствениот дом во Битола. Либштајн учествуваше во маршот со кој се одбележа 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи.

– Загубивме голем поддржувач на македонските Евреи и на малите еврејски заедници во Европа. Офир ја организираше конференцијата во Битола „Од Естер до Естер, за храброста на жените“ во март годинава, а сакаше да дојде и следната година на одбележување на годишнината од депортацијата на македонските Евреи. Беше градоначалник на Шаар Ханегев, тоа се сите населби околу границата со Газа. Беше вистински лидер. Веруваше дека ќе има мир во соработка со граѓани од двете страни на границата. Беше убиен денес кога излегол да се бори и да ги брани своите граѓани. Ова е голема загуба за народот во Израел и за Евреите наши од Македонија – вели Рахел Шели во изјава за „Макфакс“.

Ненадејниот напад на палестински Хамас врз Израел, извршен од вооружени групи кои ги пробиваа безбедносните бариери и низа проектили истрелани од Појасот Газа, почна денеска за време на големиот еврејски празник Симхат Тора.

Нападот се случи 50 години и еден ден откако египетските и сириските сили започнаа офанзива против Израел за време на еврејскиот празник Јом Кипур во обид да ја вратат контролата врз територијата заземена од Тел Авив во кратката војна во 1967 година.

Палестинската исламистичка група Хамас испука низа проектили врз јужен Израел околу 6.30 часот, а сирените се слушаа во Тел Авив и Беер Шева. Хамас соопшти дека првично испукал 5.000 ракети. Израелската армија тврди дека биле истрелани 2.500 проектили.

Лидерите на ЕУ, Европската Унија и ОН денеска реагираа на нападите на палестинската екстремистичка организација Хамас врз Израел и во своите соопштенија ги осудија нападите, повикаа на воздржаност и избегнување на цивилни жртви.