Неодговорно се расфламе со пивката вода како да ја имаме во неограничени количини - Фото: Игор Бансколиев

ЛЕТОТО НÈ ПОТСЕТУВА НА НЕОПХОДНОСТА ОД РАЦИОНАЛНО КОРИСТЕЊЕ НА ВОДАТА

Според податоците од минатите години на „Евростат“, жителите на земјите од Европската Унија просечно трошат околу 200 литри вода дневно, додека во Македонија просечната потрошувачка достигнува до 323 литри по жител дневно. Само во Скопје налето секој жител во просек троши околу 500 литри вода

Откако и официјално пристигна летото, насекаде веќе можат да се забележат граѓани како наводнуваат дворови, но и наполнети детски базени. Летната забава за децата откако се на распуст и официјално започна, а со тоа и традиционалните главоболки за водоводното претпријатие. Секојдневното полнење базени во кои децата ќе се забавуваат претставува дополнителни напори за вработените во јавното претпријатие „Водовод и канализација“, бидејќи напорите да се обезбеди пивка вода на летните горештини се присутни секоја година.

НИЗА ПРОБЛЕМИ ОД НЕКОНТРОЛИРАНОТО ТРОШЕЊЕ

Иако деновиве можеби температурите и не се баш летни, односно немаме некои пеколни горештини што ќе предизвикаат капење во базени и разладување на дворовите, сепак тоа не значи дека нема да имаме топлотни бранови како оној пред неколку дена.

Со првиот бран повисоки температури насекаде веќе можеа да се забележат наполнети детски базени во кои децата играа и се разладуваа. Исто така, активирани беа и цревата за наводнување, па голем дел граѓани што живеат во куќи ги миеја своите дворни места.

А сето тоа, како и секоја година за време на летниот период, значи и зголемена потрошувачка на вода.

Како што велат од „Водовод и канализација“, паралелно со покачувањето на температурите се зголемува и потрошувачката на вода во градот, а водата од водоснабдителниот систем, покрај за пиење, се употребува и за наводнување, разладување, полнење базени и сл., што всушност претставува и нејзина злоупотреба, која секако доведува до проблеми во водоснабдувањето со намален или слаб притисок, а на одредени места и прекин во водоснабдувањето.
– Во однос на оваа проблематика, ние како јавно претпријатие, покрај веќе спроведените кампањи во насока на поткревање на јавната свест за рационална употреба на водата за пиење и заштита на природните ресурси, секоја година континуирано ги потсетуваме граѓаните дека водата за пиење не смее да се употребува за наводнување на земјоделски површини и разладување и апелираме за одговорно користење на овој скапоцен природен ресурс за сите потреби во нивниот дом – информираат од претпријатието.

ЛЕТНАТА ПОТРОШУВАЧКА НА ВОДА ДОСТИГНУВА И ДО 300 ИЛЈАДИ КУБНИ МЕТРИ

Според податоците од минатите години на „Евростат“, жителите на земјите од Европската Унија просечно трошат околу 200 литри вода дневно, додека во Македонија просечната потрошувачка достигнува до 323 литри по жител дневно. Само во Скопје налето секој жител во просек троши околу 500 литри вода.
Врз основа на спроведениот мониторинг од страна на надлежните во водоводното претпријатие, потрошувачката во просек на дневно ниво се движи помеѓу 280.000 до 290.000 кубни метри, а во деновите со многу високи температури достигнувала и до над 300.000 кубни метри.
– Како и секоја година, апелираме до граѓаните за рационална и одговорна потрошувачка на водата за пиење, но и зголемување на свесноста за значењето на природните ресурси, како и факторите што влијаат на нив. Сите облици на злоупотреба на водата за други потреби (полевање зеленило, полевање земјоделски површини и разладување на улиците, диви приклучоци и сл.), доведуваат до проблеми во снабдувањето со намален или слаб притисок, а на одредени места и прекин во водоснабдувањето. Тоа пред сѐ се забележува во приградските населби и високите зони – истакнуваат оттаму.

[email protected]