Вкупниот долг во јавното здравство веројатно надминува 100 милиони евра, долг кој е настанат заради несоодветното буџетирање во изминатиот период, буџетот е едвај доволен за покривање на платите. Значи, речиси 80 отсто од буџетот оди за плати и за функциите останува многу малку, тоа се долгови за лаборатории, за кујна, за технички работи и друго. Поради таа состојба и еден од битните апарати-компјутерската томографија веќе од март месец е надвор од функција, бидејќи апаратот е дотраен и не се обновува, а опслужува едно широко подрачје. Само во Струмица се над 100 илјади осигуреници, а оваа болница опслужува многу повеќе од тоа, истакна директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, при денешната посета на ЈЗУ „Општа болница Струмица“.
На новинарско прашање од МИА кога може да се очекува да се надмине проблемот со функционирањето на апаратот за компјутерска томографија и кој е надлежен за неговата набавка, директорот на Фондот со одговор дека набавката на нова опрема не е јасно поделена меѓу Министерството за здравство и ФЗО.
-ФЗОМ е задолжен за одржувањето, меѓутоа во основното финансирање може да обезбеди и поддршка. Една од темите на разговор сега ни беше дали е логично да понатаму поправаме апарат кој 12 години е во функција со двапати поголема искористеност од техничките карактеристики на апаратот или е време да се набави нов, како тоа ќе влијае на осигурениците во Југоисточниот регион бидејќи тој осплужува поголемо подрачје така што мислам дека ќе најдеме брзо решение за тоа – одговори Клековски.
Според него, и струмичката болница должи 1,5 милиони евра, но, како што рече сакаат болницата да работи редовно, да не дојде во ситуација да биде блокирана.
-Се договоривме што поскоро да ги седнеме тимовите и да најдеме начин да спречиме блокирање на работата на болницата и како функциите во секундарното здравство, кое има превентивна функција, значи подобро рано да се откријат работите за да не се лечат после поскапо и тој дел мислам дека брзо ќе го надминеме – рече Клековски.
Во рамките на денешната посета на струмичката болница директорите на ФЗО, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, го посетија и новото крило на болницата кое се гради од 1987 година и се простира на 6.000 метри квадратни, градежно комплетирано, но веќе три години стои како нецелосно завршен проект.
– Секако тоа е прашање кое мора да се решава, од 2025, 2026 година, меѓутоа жално за нас како држава е објект што е почнат 1987 година да се гради со солидарни средства од струмичани после 37 години се уште не е пуштен во функција и навистина треба да бараме начин како тоа ќе се направи. Во нашата програма беше запишано дека ќе фаворизираме регионализација на здравството наспроти централизација во Скопје и затоа проектот за Клинички центар е одложен на одредено време дури не се види со регионализацијата за да може да се намали притисокот на пациенти во Клиничкиот центар во Скопје – посочи Клековски.
Додаде дека заедно со колегата Аџигогов и раководството на болницата во Струмица ќе бараат начин да покажат дека работите во државата може да се завршуваат и да не останува, како што рече, една незавршена приказна.