Во посета на Свештена бигорска обител вчера допатува високопреосвештениот митрополит на Имврос и Тенес г. Кирил, висок претставник на Вселенската патријаршија.
– Владиката Кирил го посети Бигорскиот манастир како голем пријател на нашата црква и претставник на неговата божествена сесветост, вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, носејќи ги неговите поздрави и благослови за именденот на владиката г. Партениј. Владиката Кирил доаѓа од Имврос, родното место на вселенскиот патријарх, каде што ја извршува својата архиерејска должност – рече за МИА отец Кирил.
Високопреосветениот митрополит г. Кирил бил пречекан согласно древното манастирско правило за пречек на архиереј.
Во храмот на Свети Јован Крстител во Бигорски, по предвидената церемонија, кон високиот гостин се обратил игуменот на манастирот, епископот г. Партениј.
– Вашето присуство тука преставува за нас топла прегратка на мајката црква, кон која пред речиси пет години прибегна нашата света црква, користејќи го правото на апелација на првиот престол во православието со седиште во Константинопол. И како што му е познато на сето потсончевие, молбите и молитвите на нашата црква, држава и народ не останаа празни. Сесветиот вселенски патријарх г.г. Вартоломеј, тој велик и историски патријарх, заедно со светите архиереи на Свештениот синод на Вселенската патријаршија, на 9 мај 2022 година ја донесе епохалната одлука со која беше прекината повеќедецениската изолација на Охридска Архиепископија и таа повторно беше примена во литургиско и канонско единствено со целата православна екумена, после што уследија одлуки и на други помесни цркви да влезат во единство со неа и да препознаат во нејзината свештена јерархија една црква зрела за автокефалност – рекол меѓу другото владиката Партениј.
Во своето возвратно обраќање, митрополитот Кирил од Вселенската патријаршија истакнал дека доаѓа како претставник на вселенскиот патријарх Вартоломеј, носејќи ги неговите благослови и поздрави.
– Ја имам таа особена чест и тој голем благослов да се наоѓам овде, како претставник на неговата божествена сесветост, нашиот многу почитуван господин и владика, вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј. Ја имам особената возвишена чест да ги пренесам на вашата Црква, Охридската архиепископија, на вашиот блаженејши архиепископ г. Стефан, на архиереите, на свештениците и на целиот верен народ, а особено на вашата личност, свет брате, татковските и патријаршиски благопожелби, благослови, љубов и грижа од Мајката Црква. Ваше преосвештенство, многу добро ги знаете зборовите на Апостолот Павле кого го споменавте, кој вели: „Да не ми даде Бог да се фалам со нешто друго…“, така и јас велам: Да не ми даде Бог да се пофалам со нешто друго, освен со крстот господов. И вие, свет брате, заедно со јерархијата ваша и клириците и православните браќа лаици, на вашите рамена го носевте тој Христов крст долги, долги години. Но сите знаеме дека по голгота доаѓа празниот гроб – воскресението. И така, преосветен брате, чувствувам дека Сесветиот патријарх со тоа што го направи, на сите овдешни браќа ви ја подари радоста на воскресението. А за да биде таа радост ненамалена, треба да го направиме она за кое пееме на воскресението: Да простиме сè со воскресението – рекол митрополитот Кирил.
Освен посетата на митрополитот на Имврос и на Тенедос, во Бигорскиот манастир, по повод празникот на Свети Партениј Лампсакиски и именденот на игуменот епископ г. Партениј, во Бигорски допатува и познатиот атински хор по источно православно црковно пеење „Тропос“, кој важи за еден од најдобрите хорови во православниот свет.