Пријавени се 17 нови случаи на голема кашлица во периодот од 23 до 29 август. Возраста на заболените се движи до 49 години, а најголем број случаи се од возрасната група од една до четири години. Од новите случаи, три беа хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај што го објави денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Сè уште најголем број заболени лица се регистрирани на територијата на Скопје.
Во тек се три епидемии пријавени во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово.
Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група до четири години, највисока инциденца се бележи во возрасната група под една година и изнесува 1.282,1/100.000 жители.
Од вкупниот број регистрирани случаи, 660 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 11 години.
Од 18 јануари до 29 август, дадени се вкупно 65.544 дози вакцина со компонента против голема кашлица.