Женски Водици во кичевските села
На вториот ден од православниот празник Водици и годинава, во кичевското село Лавчани, традиционално, 17 кумови ќе го примопредадат кумството со капење во студитените води на селските чешми.
Додека поголемиот дел од жителите на кичевските села кумството го предаваат на 19. јануари, лавчанци тоа го прават на 20., на т.н. „женски Водици“.
– Село Лавчани е едно од ретките во општината каде и покрај неговата големина има дури седумнаест кумови, а особено е специфичен ритуалот на примопредавање на кумството, во кој седумнаесет млади кумови кумството го превземаат со капење во коритата од селските чешми. Традиција е веќе позната и пошироко во европски рамки, бидејќи ја проучуваат Универзитетот од Краков во Полска и Универзитетот од Будимпешта од Унгарија, вели Младе Ванчоски, жител на Лавчани.
Ванчоски вели дека интересот за оваа вековна традиција е толку голем што во неколку наврати селото го посетиле и проф. Јохана Рехас од Полска и проф. Ана-Марија Болја од Будимпешта, за и лично да присуствуваат на изведувањето на обичаите и да ја потврдат нивната автентичност.
Според традицијата, кумовите се капат во коритата од селските чешми, а најстарите жители велат дека не се сеќаваат некој да се разболел до сега иако извроската вода од чешмите е многу студена.
– Не чувал господ и секогаш кога го примаме кумството никогаш сме немале прелада или некаква болест поврзана со капењето во студените води од селските чешми – вели лавчанецот Цане Ѓорѓиоски.