Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска заедно со директорот на ЦУК Стојанче Ангелов изврши увид на состојбата на терен на пожарот во атарот на село Зеленград, пробиштипско.
– Искрена благодарност до пожарникарите, доброволците и сите вклучени во гаснењето на пожарите за нивната несебична посветеност и храброст. Во постојана комуникација сме со нашите пријатели од странство со цел обезбедување дополнителна помош и ресурси за справување со оваа криза – објави министерот Тошковски на официјалната Фејсбук страница.
Ангелов, пак, истакна дека постојаната координација и комуникација со нашите пријатели од странство се остварува преку координација со ЦУК, со цел обезбедување дополнителна помош и ресурси за справување со оваа криза, согласно специфичноста и можностите на ситуацијата.
– При теренскиот увид на пожарите на отворено во Осоговските лланини, согласно големата фронтова линија на пожарот, беше евидентана благодарноста до сите ангажирани за гаснење на пожарите во нашата држава: до пожарникарите, доброволните ПП друштва и доброволците, мештаните, а и домашните воздухопловни сили на ДЗС и МВР, а секако и до помагателите за и од земја и од воздух пристигнати ПП сили од земјите на Европската Унија, како и до сите вклучени во гаснењето на пожарите за нивната несебична посветеност и храброст. Променливото време, денеска донесе некаде дожд, но ретко на просторот каде што се планинските пожари на отворено – наведе Ангелов.
Претходно, пак, Ангелов информираше дека пожарот во охридското село Косел повторно се реактивирал. Тој утрово рече дека пожарот кај Косел е под контрола и има горење само во еден дел, но поради силниот ветер, како што вели, пожарот избегал од контрола и покрај тоа што 100 лица работат на гаснење на пожарот.