Фото: Маја Јаневска Илиева

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека ќе излезат со извештај во врска со смртта на бремената жена и 14-месечното бебе, а натаму останува на судските и истражните органи да делуваат.

– Извештаите се подготвени, скоро комплетирани. Чекав извештај од професионални компетентни педијатри за да дадат одреден заклучок. Се надевам или денеска или во понеделник најдоцна, ние како министерство ќе имаме прес-конференција и ќе ги кажеме сите детали од случувањата и со жената која што беше бремена од Куманово која почина и за детето, 14-месечно, кое почина во Клиниката за педијатрија. Кажав, ако очекувате јас да судам, ние не сме судски орган – подвлече тој.

Истакна дека извештајот од Куманово утрово бил доставен во Министерството за здравство.

-Сега ќе ме брифираат штом се вратам оти беше извештајот малку подолг – додаде тој.

Прашан дали ќе има обвинение во врска со случајот во кој починаа мајка и дете, во тетовското село Слатино, тој одговори дека уште еден член од семејството треба да се прегледа и да се види евентуално да нема и тој последици, ако навистина причината за смрт е труење. Министерот додаде, дека, дали ќе има обвинение или не, е предмет на истражните органи и на правниот систем.

Околу вакцините за сезонски грип, рече дека веќе се стигнати и почнува дистрибуција на вакцините низ државата.