Секој обид за поткопување на независноста на судската власт преку притисок од било каков вид и од било кого против членовите на Судскиот совет и судиите претставува дирекна закана за независноста и демократијата на државата и владеење на правото, реагираат од Судскиот совет.
– Судскиот совет на Република Македонија изминатиот период внимателно ги следи случувањата во врска со изјавите на носителите на највисоките функции на државната власт и изразува загриженост бидејќи истите се одразуваат на интегритетот на членовите на Судскиот совет и на судиите и директно влијаат врз перцепцијата и довербата на граѓаните за работата на Судскиот совет и судството – стои во соопштението од Судскиот совет.
Во секоја правна држава, се посочува, независноста на судската власт е еден од основните столбови за гарантирање на законитоста, правдата и заштита на правата и слободите на граѓаните.
– Членовите на Судскиот совет и судиите мора да бидат ослободени од каква било форма на притисок и влијание, за да истите одлучуваат самостојно и независно и во таа насока Судскиот совет упатува апел до сите носители на јавни функции, во своето работење и делување доследно да ги почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот, со цел владеење на правото и враќање на довербата кај граѓаните во системот – се вели во соопштението од Судскиот совет.
Членовите на Судскиот совет во изминатиот период се најдоа во фокусот на јавноста, најпрво по внатрешнте рокади на претседателската функција и оставките и изборот на нови членови, а потоа и по најавите од извршната власт за негово реформирање. Власта пред Нова година започна процес за носење на нов Закон за Судски совет, кој, според најавите, треба да биде донесен до јуни годинава, а во меѓувреме во Собранието е поднесена и интерпелација против петмината членови на Судскиот совет кои се избираат во Собранието.
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ минатата недела до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
Согласно собранискиот Деловник и роковите, очекувањата се дека седница на која ќе се расправа за интерпелациите би имало до или на почетокот на март.
Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас. Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор.
По предлог на претседателот на државата, членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година.
Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.
Петмина од членовите од редот на судиите беа избрани минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на Советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски од битолското апелациско подрачје.
Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран во септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година.
Единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите и чуварот на довербата на граѓаните кон судството – Судскиот совет, годината ја почна со претседателски „рокади“, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. На седница на 3 јануари годинава со 13 гласа за нов претседател на Судскиот совет беше избран судијата Александар Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и беше избран за член на Советот во јуни минатата година.