Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека телефонски е пристигнато барање за помош од Македонија поради големиот број пожари што избувнаа на територијата на таа земја – пренесе дописникот на МИА од Белград.
– Сè уште не сме го добиле официјално, но разговаравме на телефон. Побараа од Северна Македонија да им помогнеме да го изгаснат пожарот. Слични барања има и од Република Српска. Мислам дека имаме доволно капацитет за помош во двете држави истовремено, во хуманата акција за гасење пожари – рече Дачиќ.
Дачиќ нагласи дека Србија ќе испрати хеликоптери за гаснење на пожарот и додаде дека не сака тоа да биде оценето како испраќање хеликоптери заради остварување на воена доминација.
Владата вчера прогласи кризна состојба поради големиот број пожари, а одлучено е кризната состојба да трае 30 дена поради топлотниот бран. Најголеми пожари има во околината на Неготино и на планината Серта.
Во текот на изминатото деноноќие изгаснати се 17 пожари, а девет се се уште активни и од утрово се гаснат со авиони и хеликоптери.
Премиерот Христијан Мицкоски, најави дека земјата наскоро ќе добие помош во борбата против пожарите од Србија, Словенија, Црна Гора и Турција.
-Се бориме со пожари предизвикан од топлотен бран. Во интензивна комуникација сме со неколку пријателски земји од кои очекуваме помош за гаснење на пожарите во рамките на нивните можности – објави Мицкоски на Фејсбук.