Нашата национална одлука за членство во Алијансата ги проби бариерите на партиите, религиите и народите и не обедини сите. Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за ЕУ, порача премиерот Димитар Ковачевски на централната свеченост во касарната „Илинден“ по повод тригодишнинатата од членството во НАТО.
Горд е, како што рече, што нашите деца овој ден ќе го изучуваат како еден од најсветлите денови во нашата историја, затоа што, потенцираше, овој ден ја гарантира и нивната иднина. 27 март е денот кога Македонија ја запечати својата безбедносна иднина, момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никого. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и брзо, рече Ковачевски.
Оваа годишнина, посочи премиерот, не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, туку и момент во кој престанавме да бидеме точка на дневен ред во безбедноста и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност.
-Денеска ние сме НАТО. Ја остваривме едногласната одлука на нашето Собрание и идејата на нашите предци кои се бореа да сме еднакви со најразвиените. Успеавме да се избориме на овој пат. Со истото темпо продолжуваме и на нашиот пат кон членство во ЕУ – наведе премиерот, кој ги потенцираше придобивките од членството во НАТО, успешноста на Армијата, вложувањето во нејзиниот развој, а ја нагласи и поддршката за Украина и значењето на сојузништвото во рамки на Алијансата.
Упати и честитка до припадниците на Армијата и до сите граѓани за годишнинатата и посака да се одбележува овој ден уште многу години во мир и благосостојба како членка на најголемиот воено одбране сојуз во светот.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, потенцираше дека државава со членството во НАТО денес припаѓа таму каде и е местото.
-Нашата цел не беше само да ја внесеме Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата, со опрема која секојдневно се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, подофицер и офицер. Сето ова ќе беше невозможно без растот на Буџетот на одбраната. Нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од два процента од БДП алоциран за одбраната веќе следната година, а вториот критериум за опремување и модернизација веќе го надминавме, бидејќи годинава 33 проценти од Буџетот е наменет токму за опремување – рече Петровска.
И началникот на ГШ, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски посочи дека зачленувањето во НАТО е значаен историски настан кој ќе сведочи за успесите на државата и Армијата
-Остварување кое не само што го круниса нашиот долгогодишен стремеж туку и важен чекро за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот – рече Ѓурчиновски.