Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави првиот јавен конкурс за 2023 година, со кој 5.060.000 евра се ставаат на располагање за поддршка на домашните компании, преку јавниот конкурс за ко-финансирани грантови на микро, малите и средни компании за технолошки развој и забрзан економски раст.

Целта на конкурсот е да се поддржат домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација.

Во однос на тоа какви активности поддржуваме со овој јавен конкурс, листата не е ограничувачка и истата е достапна на веб страната на Фондот, дел од нив се: набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, зелени и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловни процеси, развој и воведување на нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа, подобрување на продуктивноста и ефикасноста на производствените и/или деловни процеси.

„Изминатите години бевме соочени со две поголеми кризи, пандемиската и економската криза, кои претставуваа голем предизвик за компаниите да го опстојат овој период. Со овој повик, им излегуваме во пресрет на компаниите побрзо и поефективно да ги пребродат последиците од кризата и да го продолжат својот пат на пазарот. Преку инструментот Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, досега имаме поддржано преку 200 проекти со вкупен обем на инвестиции во преку 18 милиони евра, што подразбира директна поддршка за инвестициски проекти на компании, технолошки развој, развој на иновациите и претприемништвото во земјата. Ги охрабрувам сите микро, мали и средни претпријатија да ја искористат шансата која ја нуди Фондот и да аплицираат на овој Конкурс” изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Фондот продолжува да биде водечка институција која максимално ги поддржува сите микро, мали, средни, старт-ап и спин-оф компании во земјата, како и вистински партнер во целиот процес од почеток на бизнис идеја до започнување на сопствен бизнис. Досега Фондот има поддржано преку 800 проекти со вкупен обем на преку 100 милиони евра заеднички инвестиции. Но Фондот не застанува тука, ние продолжуваме активно да работиме во насока на создавање на поволни услови за развој на успешни претприемачки приказни кои ќе бидат вистински пример и гордост на нашата земја” истакна Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Фондот обезбедува финансиска поддршка за микро претпријатија до 70 проценти од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 2,5 милиони денари, за мали претпријатија до 70 проценти, но не повеќе од 5 милиони денари, а за средните претпријатија до 60 проценти, но не повеќе од 10 милиони денари. Апликантот обезбедува сопствено кофинансирање од 30% за микро и мали претпријатија, односно до 40% за средни претпријатија од вкупниот буџет на проектот. Со овој повик ФИТР нуди поддршка и на приватните здравствени установи.

Како подобни трошоци ќе се сметаат бруто платите за вработените лица, трошоци за техничка поддршка, истражување, развој, дигитализација, набавка и изнајмување на опрема, софтвер, ИКТ алатки или суровини, но и за трошоци поврзани со спроведување на планот за технолошки развој на компанијата.

Повратот на финансиската поддршка доделена од страна на Фондот се врши по стапка од 7,5% од оперативната добивка на корисникот, до остварување на поврат на 105% од износот исплатен од страна на Фондот или за период од 5 години по завршувањето на проектот, во зависност од тоа кој услов е прв остварен.

Дел од условите кои треба да ги исполни апликантот се: апликантот да е трговско друштво или приватна здравствена установа, апликантот да не е поврзан со друго претпријатие или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10 милиони евра и просечен број на вработени да не надминува 250 од претходните фискални години, да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиските институции, и да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истиот проект да нема добиено финансиска помош од друга државна институција.

При евалуација на проектите, најголем број на поени носи критериумот влијание врз економскиот развој (45 поени), потоа технолошкиот напредок и степен на дигитализација (35 поени) и квалитетот на проектот и капацитетот на проектниот тим ќе бидат оценувани со по 10 поени од вкупната оценка. Предност при оценувањето на проектите ќе имаат компании кои имаат жени управители и/или сопственички, проекти од помалку развиени региони и компании кои во проектниот тим имаат вклучено најмалку еден доцент, универзитетски вонреден или редовен професор и/или докторант кој ќе биде вклучен во проектот. Целта е да се поттикне женското претприемништво како и  рамномерен регионален развој.

Во однос на процедурата за оценка и селекција во рамките на овој јавен повик, пристигнатите предлог проекти директно одат на евалуација кај домашни стручни лица од 22 области на експертиза. Проектите кои ќе добијат оценка од минимум 51 поен, преминуваат во следната фаза. Проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции кое е независно тело составено од пет меѓународни експерти.

Јавниот повик за ко-финансирани грантови на микро малите и средни компании за технолошки развој за забрзан економски раст е отворен до 05.05.2023 година, до 14:00 часот, а компаниите можат да аплицираат електронски. Повеќе информации во врска со повикот се достапни на: https://fitr.mk/јавен-конкурс-за-кофинансирани-грант/  или на: [email protected]