Фото: Илустрација/ Игор Бансколиев

По силниот пороен дожд што го зафати  Скопје во ноќните часови, во селата Ласкарци и Буковиќ во Општина Сарај, поројната вода навлегла во поголем број куќи, подрумски простори и на повеќе улици, известуваат од центарот за управување со кризи.

– На терен беше БППЗ на Град Скопје со 3 пожарникари и 1 ПП возило, при што интервенирале на најзагрозените реони. Во утринските часови контактирано е со ЈП Водовод и Канализација – Скопје, и од нив е добиена информација дека во текот на денешниот ден ќе излезат на терен за расчистување на улиците од кал и за испумпување на водата од куќите. За настанатата состојба беше известена Општина Сарај за понатамошна постапка – се истакнува во информацијата.

Од таму додаваат дека според најавите на УХМР за денеска, иако времето од утрово е сончево со мала до умерена облачност, од пладневните часови на повеќе места во државата времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град.