Фото: Игор Бансколиев

Во меморијалната куќа „Христо Узунов“ во Охрид, до 7 јули ќе биде отворена изложбата на фотографии во голем формат од најзначајните културно-историски локалитети и други аспекти на културното наследство од Охрид и на територијата на Македонија. Основната цел на проектот е подобро запознавање и подигнување на јавната колективна свест за промоција, одржување и унапредување и афирмација на археолошките зони, културно-историските споменици, религиозните објекти и сите други форми на културно наследство на нашата земја, кои се вистински сензации на изложбите во најголемите европски и културни центри. Со оваа изложба се афирмираат неколку непобитни историски факти значајни за Македонија. На пример дека Свети Климент на возвишението Плаошник над Охридско Езеро создал книжевна школа и универзитет со околу 4.000 посетители, исто како што македонските фрескосликари, во црквата во селото Курбиново, на брегот на Преспанско Езеро и во манастирот „Св. Пантелејмон“ во близината на Скопје создале дела со кои, всушност, ја навестиле ренесансата. Она што е веќе откриено и заштитено во Стоби овозможува да се раскаже една цела оригинална приказна за објектите, вредностите и начинот на живеење во овој некогаш многу значаен град покрај Вардар и во средиштето на Балканот. Богатството на артефакти од Плаошник, Хераклеја и на уште голем број археолошки локалитети сведочат за густината на творечките вредности, култури и религии на оваа наша почва. Фреските, иконите, резбите и иконостасите од Бигорскиот манастир на прочуените протомајстори Макарие Фрчкоски, Димо Гарката, Дичо Зографот и плејадата нивни ученици и соработници во 19 век се сведоштва за нивниот раскошен, индивидуален авторски гениј.
Изложбата е во реализација на „Медиа броудкастинг“, со поддршка од Министерството за култура.