Со силна динамика продолжуваат градежните работи на довршувањето на булеварот Борис Трајковски, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Скопје, кој повеќе од три децении беше симбол на нереализирани ветувања, застој и секојдневни сообраќајни проблеми, напиша на Фејсбук градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Потенцира дека работите се одвиваат согласно предвидената динамика, а по нивното завршување, повеќе од 100.000 жители ќе добијат современ и безбеден булевар со четири сообраќајни ленти, пешачки патеки и велосипедска инфраструктура, што значително ќе ја подобри безбедноста и проточноста на сообраќајот.
-Во рамките на проектот, трасата е речиси целосно пробиена, додека паралелно се реализира изградба на нова атмосферска канализација, со што трајно ќе се надминат долгогодишните проблеми со одводнувањето во овој дел од градот – истакна градоначалникот.
Реализацијата на овој капитален проект, како што посочува Ѓорѓиевски, претставува конкретен чекор кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, намалување на сообраќајниот метеж и создавање модерна и функционална сообраќајна инфраструктура.
-Деценискиот сообраќаен хаос конечно заминува во историјата. Ова е враќање на достоинството на граѓаните и доказ дека кога има волја, работа и одговорност – нема невозможни работи! Продолжуваме да го менуваме ликот на Скопје – нагласува Ѓорѓиевски.



































