Фото: Маја Јаневска-Илиева

НА СКОПЈАНИ ИМ ОЛЕСНИ

На прагот на грејната сезона, кога сѐ понеизвесно беше дали скопјани ќе добијат парно греење, конечно Владата им ја врати надежта, со издвојување финансиски средства за непречена грејна сезона. Граѓаните конечно можат да се смират, бидејќи радијаторите за петнаесетина дена би требало да бидат топли.

Греење за скопјани, сепак, ќе има. Владата на завчерашната седница одобри средства за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинска енергија на потрошувачите на градот Скопје. На седницата била донесена одлука, како што се наведува во соопштението, за одобрување на 1,1 милијарда денари, или речиси 18 милиони евра, за набавка на енергенти, пред почетокот на грејната сезона, на АД ЕСМ.
– Со преземените соодветни мерки од страна на Владата се обезбедуваат непречено снабдување со топлинска енергија на градот Скопје и сигурност и стабилност при испораката на топлинска енергија до потрошувачите за време на годинешната грејна сезона – се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно изјави дека за топлинската енергија во градот Скопје има два дела – затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци, и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО.
– Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, поради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и најдени најсоодветните извори на снабдување со гас, ќе бидат информирани и граѓаните – изјави Ковачевски.

За доверителските односи меѓу ЕСМ, БЕГ или друг провајдер на услуги, Ковачевски изрази уверување дека ќе бидат решени во согласност со Законот за трговски друштва и облигациски односи. Д.Т.З.