По големиот број катастрофални несреќи на улиците во главниот град, градските власти почнаа да планираат проекти со кои ќе се воведе ред во сообраќајот и тој ќе се забави, за да се спречат честите инциденти со човечки жртви
ПО ФАТАЛНИТЕ НЕСРЕЌИ, ВО СКОПЈЕ НИЗА МЕРКИ ЗА ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ
Црн почеток на годината го обележи главниот град. Голем број пешаци трагично ги загубија своите животи на скопските улици. Едни прегазени на пешачки премин, други поради несоодветна брзина на возење, трети поради преминување улица на несоодветно место, меѓутоа за сите нив цената е иста – цели семејства останаа засекогаш завиени во црно и во непребол. Непочитувањето на законските прописи беше скапо наплатено – со загуба на човечки живот, но и со упропастување на животите на возачите. Факт е дека никој не сака да предизвика таква несреќа. Никој не сака на душа да носи туѓ човечки живот, никој не сака да биде причина за нечија тага и болка. Токму поради тоа градските власти почнаа со интензивно зголемување на безбедноста на скопските улици. Целта е една и единствена, да се спречат жртвите на улиците, да се заштитат пешаците и велосипедистите, но и возачите…
МЕРКИ ЗА РЕД ВО СООБРАЌАЈОТ
По големиот број катастрофални несреќи низ улиците на главниот град, градските власти почнаа да планираат проекти со кои ќе се воведе ред во сообраќајот и тој ќе се забави, за да се спречат честите инциденти со човечки жртви.
– Приоритетни проекти во тој дел се изградба на големи и помали кружни текови, со кои автоматски се намалува брзината на движење на возилата. Наедно, со нова сообраќајна сигнализација ќе се придонесе за зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот – велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека заедно со претпријатието „Улици и патишта“ преземаат активности за зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот, преку реконструкција на постојната и поставување нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.
– Деновиве се пуштени во употреба новите семафори со прекинувачи за најава на пешаци на крстосницата на улицата Скупи со улицата што води кон населбата Бардовци, поставен е и нов семафорски столб на крстосницата помеѓу булеварот 8 Септември и улицата Скупи, на повеќе крстосници со булеварот Христијан Тодоровски-Карпош се поставени бројчаници на семафорите – велат од Градот.
Дополнително, како што велат градските власти, екипите на „Улици и патишта“ монтирале нови лантерни на семафорите на крстосницата на булеварот Србија со булеварот Трета македонска бригада, а извршена е и санација на оштетените светлосни заштитни столпчиња по должината на улицата Никола Карев. Оттаму информираат дека е санирана и заштитната ограда на булеварот Метрополит Теодосиј Гологанов, на кружниот тек кај Католичка црква.
ГРАЃАНИТЕ ЈА ПОЗДРАВУВААТ ИНИЦИЈАТИВАТА
Скопјани велат дека сѐ поголем е бројот на возачи што не ја почитуваат пропишаната брзина на движење и токму затоа велат дека се потребни строги мерки, санкции но и соодветни механизми со кои ќе му се стави крај на дивеењето по скопските улици.
– Јас живеам во Железара. Како што многумина знаат, изминатото лето, на главната улица беше прегазена жена, која ја преминуваше улицата на пешачки премин. Откако протестиравме и баравме да се постават забавувачи на сообраќајот, безбедноста за сите нас е поголема, односно нема веќе „летање“ по улиците. Сега сите возат полека, никој никаде не брза, а ние што живееме тука сме значително побезбедни, бидејќи сега возилата возат бавно и ние, како и тие, имаме време за реакција – вели Михајло Стојановски.
Механизми се бараат и за другите сообраќајници. Жителите велат дека проблемот со дивеењето е огромен и на тоа мора да му се стави крај.
– Партизанска е булевар, каде што брзината на движење е ограничена на 50 километри на час. Не може некој да вози со 100 километри на час, затоа што улицата во некој период од денот е празна. Тоа е недозволиво. Никако да им дојде памет на возачите. На таа брзина немаат време ниту да реагираат, а камоли да закочат. Дополнително е страшно тоа што се претекнува крајно непрописно, на пешачки премини, па секогаш постои опција да настрада пешак или велосипедист – вели Илија Трајковски.
Токму поради тоа, како што велат граѓаните, ја поздравуваат секоја одлука што ќе придонесе за ставање ред во сообраќајот и која ќе направи возачите конечно да ги почитуваат сообраќајните правила.
– Нека се одземаат и возачки ако треба, нека се постават легнати полицајци, нека има полиција на секои 50 метри, но ред мора да се стави, и тоа веднаш. Скапо ја плативме цената на самоволието на поединци. Денес загинал некој што не го познаваме, но утре тоа може да бидеме ние или нашите деца – вели Бисера Михајловска.