Платите се исплаќаат редовно и се на одобрување со доставени пресметки од овој месец, соопшти Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), откако вработени во претпријатието најавија дека Скопје од утре ќе остане без градски превоз, барајќи да им биде исплатена јануарската плата.
– Платите се исплаќаат редовно во тековниот месец за разлика од платите кои во „Македонски Пошти“ доцнат шест месеци, платите во МЗТ доцнат три месеци, потешкотии со исплата на плати има и во скопските општини. Платите во ЈСП Скопје се на одобрување со доставени пресметки од овој месец со дополнителни работни часови, ноќна и прекувремена работа – се наведува во соопштението од ЈСП.
Веруваме, велат од ЈСП, дека повторно постои политичка тенденција да се создаде вештачка криза таму каде што не постои.
Вработените во ЈСП, пак, велат оти одлучиле повторно да стапат во штрајк бидејќи денеска не им биле префрлени парите.
– Од 4.30 часот, Скопје останува без градски превоз. Нема да работат ниту билетарите, ниту линиската контрола, ниту работилниците, ниту возачите – нагласија претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски и Африм Муча од Независниот синдикат на возачи.