Екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“, во текот на изминатите месеци, интензивно работеа на изградба на пристапни рампи за лицата со тешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај.
Двете пристапни рампи се поставени паралелно со скалите што водат до мостот. – Првата рампа, која се наоѓа на северната страна и го поврзува кејот на реката Вардар со постојниот мост, е целосно изработена од челична конструкција, во должина од 12 метри. Втората рампа е на јужниот дел и го поврзува мостот „Сарај“ со пешачката патека во самиот парк. Пристапната рампа е изградена од бетонски дел и од челична конструкција, во должина од 34 метри. Пристапната рампа е проектирана и изведена според сите стандарди и нормативи за проектирање на овој вид рампи – информираат од претпријатието.
На двете пристапни рампи се поставени заштитни огради во должина во 155 метри.
Екипите на ЈП „Улици и патишта“ во текот на градежните работи ги санираа и оштетувањата на скалилата на мостот и ја санираа оградата на целиот мост.
Пристапните рампи ќе им овозможат полесен пристап до мостот во Сарај на лицата што имаат тешкотии во движењето, на родителите со мали деца, повозрасните граѓани, како и на велосипедистите и на сите што се рекреираат во тој дел од градот.