Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов посочи дека се следи ситуацијата со блокадите на приватните автобуски превозници, која ја окарактеризира како непријатна, при што се пожали дека едвај го напуштил Скопје додека патувал за Струмица поради метежот.
– Ја следиме ситуацијата, непријатна е. Граѓаните трпат преголема штета поради некакво самоволие кое е присутно на улиците во Скопје. Секој вози по половина час повеќе, се троши гориво, се губат бизниси и работни часови. Тоа е огромна штета што ја плаќаат граѓаните. Протестот треба да биде насочен кон тие што го креираат – истакна Пенов.
Приватните автобуски превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ веќе втор ден протестираат со блокади на три важни сообраќајни точки во Скопје. Тие очекуваат решение за нивните барања, односно да се подмири или евентуално да се почне подмирувањето на долгот што Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие го има кон нив.