ЦЕНТАРОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ ДЕТЕКТИРА И „ТРОТИНЕТ-КРИЗА“
Од неправилно и несоодветно возење и користење на електричните тротинети, заклучно со мај годинава, биле повредени 11 лица, од кои две имале тешки телесни повреди. Покрај возачите на електрични тротинети, настрадале и други учесници во сообраќајот, пред сѐ пешаци. Во 2022 година, според евиденцијата на МВР, имало 49 повредени, од кои осум со тешки телесни повреди, 41 со телесни повреди. Во 2021-та, пак, настрадале 30 лица
Откако граѓаните почнаа сѐ помасовно да ги користат електричните тротинети, јасно беше дека ќе се појават и голем број проблеми од неправилното користење на овие навидум безбедни превозни средства. Но практиката покажа дека тоа воопшто не е така, напротив, статистиките се поразувачки, бидејќи бројот на несреќи што се случуваат од несоодветното возење на тротинетите е сѐ поголем.
Близу 100 повредени
Дури и Центарот за управување со кризи мораше да реагира до институциите и граѓаните кога се во прашање електричните тротинети, особено откако јавното претпријатие „Градски паркинг“ обезбеди 500 електрични тротинети од турската фирма „Бинбин“.
Она што најмногу може да се забележи низ скопските улици е дека токму овие тротинети се сметаат како играчка, па родителите ги изнајмуваат за нивните малолетни деца да имаат забава.
Од неправилно и несоодветно возење и користење на електричните тротинети, заклучно со мај годинава биле повредени 11 лица, од кои две имале тешки телесни повреди, а преостанатите со телесни повреди. Покрај возачите на електрични тротинети, настрадале и други учесници во сообраќајот, пред сѐ пешаци. Во 2022 година, според евиденцијата на МВР, имало 49 повредени, од кои осум со тешки телесни повреди, а 41 со телесни повреди. Во 2021-та, пак, настрадале 30 лица.
– Имајќи предвид дека од неодамна во употреба се пуштени 500 електрични тротинети за изнајмување, кои се лесно достапни, вклучувајќи и за деца на помала возраст од онаа што ја предвидува законот, за деца од 14 години нагоре, како и за возрасни лица, во Центарот за управување со кризи закажавме и одржавме две координативни средби. Покрај претставници на ЦУК, учествуваа и претставници од МВР и Министерството за транспорт и врски – истакна директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
ДЕЦА ОД 14 ГОДИНИ СЕ УЧЕСНИЦИ ВО СООБРАЌАЈОТ
Според надлежните, драстично се зголемени и ризиците откако во промет беа пуштени 500 електрични тротинети на изнајмување.
Според Ангелов, законската слабост е што тротинетите можат да се користат без дозвола и никој не ги проверува корисниците, меѓу нив и децата, дали ги познаваат сообраќајните прописи. Слабост е и старосната граница, бидејќи деца од 14 години се рамноправни учесници во сообраќајот. Тој рече дека се случува и помали деца да користат тротинети и апелираше до родителите да внимаваат, бидејќи нивните малолетни деца можат да управуваат со изнајмени тротинети.
– Овие за изнајмување се лесно достапни за секого и, покрај возрасните, особено се ранливи децата, некои од нив не знаат да управуваат, некои немаат доволно вештини да управуваат со електрични тротинети. Лицето што управува електричен тротинет со брзина од 25 километри на час при несреќен случај може да добие тешки телесни повреди, па дури и животозагрозувачки повреди – кажа Ангелов.
Тој предупреди дека некои од возачите користат и слушалки и може да се доведат во опасност и себеси и преостанатите учесници во сообраќајот, а истакна и дека корисниците на електрични тротинети не го почитуваат законот.
Во согласност со Законот, возачите на електрични тротинети можат да се движат на велосипедска патека или, ако нема, на пешачка патека или друга површина по десна лента со 25 километри на час, а онаму каде што поминуваат пешаци брзината на движењето не смее да биде поголема од шест километри на час. Возачите треба да носат заштитен шлем, во ноќните часови да носат рефлектирачки елеци, не смеат да носат животни.
– Прво прашање што го поставуваме е дали законот е доволно добар, дали е безбедно дете од 14 години да има право да управува со електричен тротинет со брзина од 25 километри, колку се почитуваат правилата предвидени со законот, дали и колку забележуваме лица што возат електрични тротинети без да носат заштитна опрема, колку често забележуваме тротинет фрлен непрописно, попречно на тротоар, улица, паркинг, на површини каде што се движат пешаци и велосипедисти – изјави Ангелов.
Парижаните биле против електричните тротинети
Според претседателот на ЦУК, во Париз на референдум 90 отсто од граѓаните се изјасниле против користење изнајмени електрични тротинети, зашто создавале безредие и ја намалувале безбедноста и на самите возачи и на другите граѓани. За една година, како што кажа, во Париз загинале тројца возачи и имало 460 повредени лица. Тој ги повика надлежните институции да почнат кампања за правилно употребување на електричните тротинети, бидејќи расте бројот на корисници, и додаде дека како ЦУК немаат ништо против користењето, но бараат да се употребуваат во согласност со законските прописи.
Тој најави дека во текот на оваа недела ќе се закаже уште една координативна средба, на која очекуваат присуство од сите надлежни институции, додавајќи дека особено е важен градот Скопје, бидејќи засега само во Скопје се изнајмуваат електрични тротинети. Тој повтори дека е важно да дојдат и претставници на компанијата што ги изнајмува и на секторот за безбедност на патниот сообраќај од градот Скопје, бидејќи на досегашните средби не се појавиле.