Сите јавни претпријатија овој пат се на еднонеделно пролетно чистење во општината Карпош. Претходно тие беа во скопската општина Кисела Вода. Идејата на акцијата е со здружени сили и чекор по чекор да се средат една по една сите градски општини. Имено, до крајот на оваа недела, здружените екипи координирано ќе спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, дезинфекција на контејнерите, собирање кабаст отпад, санирање на оштетувањата на коловозите, обновување и поставување на сообраќајната сигнализација, садење нови садници и уредување на зеленилото, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, заловување бездомни кучиња и можности за нивно удомување по нивен хуман третман, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и прочистување на дождовните сливници на булеварите и градските улици

Градот во содејство со општинските комунални служби во здружена акција за средување на околината

Генералните активности што неодамна беа реализирани во општината Кисела Вода, помеѓу Градот и Општината, продолжуваат во општината Карпош. Како што во Кисела Вода се санираа коловозни дупки, се средуваше зеленилото, се чистеше ѓубрето и се садеа нови садници, сега истата таа пролетна акција продолжува во Карпош, каде што екипите на јавните градски претпријатија ќе реализираат голем број активности и ќе одговорат на многубројните проблеми на граѓаните.

АКТИВНОСТИ ВО СИТЕ ОБЛАСТИ

Пролетната работна акција, која започна неодамна, продолжува со засилено темпо во Карпош.
Градските власти во соработка со општинските и со јавните градски претпријатија цела недела на терен ќе реализираат голем број активности.
До крајот на оваа недела, екипите координирано ќе спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, дезинфекција на контејнерите, собирање кабаст отпад, санирање на оштетувањата на коловозите, обновување и поставување на сообраќајната сигнализација, садење нови садници и уредување на зеленилото, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, заловување бездомни кучиња и можности за нивно удомување по нивен хуман третман, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и прочистување на дождовните сливници на булеварите и градските улици.
– Во големата пролетна работна акција во Карпош на терен координирано работат екипи на градските јавни претпријатија: „Паркови и зеленило“, „Комунална хигиена“, „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“, „Лајка“ и „Дрисла“ – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ санирале ударни дупки и поголеми оштетувања на мостот „Обединети нации“, а на булеварот Метрополит Теодосиј Гологанов обележувале хоризонтална сигнализација, при што се обележани четири автобуски постојки. Екипите реализирале и контрола и обнова на недостатоците на вертикалната сигнализација на булеварите Метрополит Теодосиј Гологанов и 8 Септември, а на булеварите Партизански одреди и Илинден се санирани оштетени семафори.
Екипи на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, во рамките на пролетната акција, работеа на средување и уредување на јавните зелени површини на територијата на општината Карпош.
– На булеварот Илинден и на улицата Никола Парапунов се извршија расчистување на теренот, собирање отпадоци и смет, косење на тревните површини и собирање лисја, како и кроење на грмушките. Покрај овие активности, дел од екипите на горенаведените локации извршија кастрење на 20 дрвја и сечење на пет дрвја – велат од Градот.
Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ работеа на улиците Московска, Франклин Рузвелт и Козле, како и на булеварите 8 Септември и Партизански одреди. На терен се вршеше површинско и рачно чистење на сливници, рачно чистење шахти (фекални и атмосферски) и миење со цистерна вакуум и цистерна под притисок на фекални и атмосферски сливници и шахти.
– Во рамките на оваа голема акција, ЈП „Комунална хигиена“ постави специјални садови за кабаст отпад на неколку локации, каде што граѓаните ќе можат да го остават, по што тој бесплатно ќе биде подигнат и транспортиран на соодветна локација од страна на ова градско претпријатие – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека локациите на кои до недела може да се остава кабастиот отпад се Тафталиџе 2, на улицата Женевска (автобуска постојка на последна дваесет и четворка); Козле, кај ресторанот „Македонска куќа“; Долно Нерези, на улицата Ванчо Мицков; Влае 2, зад Порта Влае, кај контејнерите на ЈПКХС, во близината на автобуската постојка.
Пролетната акција во општината Карпош почна во понеделникот и траеше до први април. Градските власти ја оценија акцијата како успешна. Беа реализирани голем број активности, а од денес, теренските екипи на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во општината Аеродром, каде што ќе работат на точно утврдени локации по примерот на општината Кисела Вода и општината Карпош.

ЖИТЕЛИТЕ ЈА ПОЗДРАВУВААТ АКЦИЈАТА

Карпошани се задоволни од активностите со кои се чисти и средува општината. Велат дека вакви акции треба да има почесто, бидејќи санацијата на коловозните дупки и чистењето на ѓубрето се проблеми што постојано се случуваат, а кои бараат поголемо внимание од надлежните.
– Добро е што се работи, така и треба. Доколку вакви акции има почесто, нема да имаме проблеми ниту со кабаст отпад, за кој знаеме дека е сериозен проблем не само кај нас туку и во целиот град. На овој начин ќе добиеме чиста општина, средени улици, раззеленети булевари, а, секако, и средени јавни површини на кои во претстојниот период сите повеќе ќе престојуваме бидејќи временските услови се убави – вели Сашо Митковски.
Од минатонеделната акција, која Градот ја реализира во Кисела Вода, граѓаните се задоволни и велат дека вакви активности треба да се реализираат барем еднаш на два месеца, со цел да се лоцираат проблемите што на локалното население му причинуваат големи проблеми во секојдневното функционирање.