Во рамките на програмата за реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта, Општина Илинден го реконструира локалниот пат Миладиновци – Бујковци, кој е во должина од 1.500 метри и широчина од 5,5 метри. Со реконструкцијата на локалниот пат деновиве се врши поставување на нов асфалтен слој, како и решавање на одводнувањето на коловозот, што во минатото претставуваше главен проблем за оштетување на патот.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, информира дека потребата за реконструкција на овој локален пат, кој ги поврзува трите населени места, Миладиновци, Бујковци и Мршевци, беше поради неговата лоша состојба, што претставуваше тешкотија во секојдневното одвивање на сообраќајот за граѓаните.

Финансиските средства се целосно обезбедени од буџетот на Општина Илинден, а реконструкцијата на овој локален пат е дел и од Стратегискиот план за развој на Општина Илинден 2022-2026.
– Со реализацијата на овој проект ќе се подобри патната инфраструктура на општината Илинден, ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе им се овозможат квалитетни услови на жителите во реализирањето на нивните секојдневни активности – велат од Општината.