Град Скопје како сопственик на објектот на Универзална сала не бил информиран за отпочнување на градежните активности за реконструкција на објектот пред да се случи пожарот, изјави градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција и праша врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на објектот и зошто пожарот не е навреме пријавен.
Арсовска, покажувајќи видео-снимки од изјавите на министерката за култура, од надзорот и од изведувачот на Универзална сала, посочи дека министерката изјавува оти осознала за пожарот пред 9 часот и дека објектот е осигуран. Противпожарната бригада на град Скопје, додаде, информира дека пожарот е пријавен од случаен минувач во 9 часот и 50 минути, а пожарникарите за 5 минути односно во 9.55 пристигнале на лице место и пристапиле кон гаснење на пожарот.
– Зошто ако осознала министерката за пожарот пред 9 часот, не го пријавила, зошто ако работниците и инженерката на фирмата „Универзал Балкан“ се обидувале да го гасат пожарот, и откако не го локализирале и дозволиле да се прошири, не пријавиле, ниту побарале помош од Противпожарната бригада Скопје, каде многу подоцна во 9:50 часот е пријавено од страна на случаен минувач – праша Арсовска.
Побара објаснување врз основа на што се темели изјавата на изведувачот дека причина за пожарот е стар кабел или стара инсталација и врз основа на кој проект е продолжено да се реконструира Универзална сала.
– На која локација каде е прецизно започнат пожарот односно каде работниците внатре во објектот почнале да го гасат пожарот. Кој е управител на градба на објектот на Универзална сала во моментот на опожарување и врз основа на кој документ и на кој проект? Кој е надзор на градба во моментот на опожарување и врз основа на кој документ и на кој проект? Каде, кога и од кого е осигуран објектот на Универзална сала, на која вредност и за кои случаи на настанување штета – праша градоначалничката.
Нагласи дека по настанатиот пожар, градските власти утврдиле дека е направен неовластен упад во профилот на град Скопје, во системот за јавни набавки ЕСЈН.
– По настанатиот пожар и изјавите на министерката за култура дека на објект на Универзална сала се градело за што Градот како сопственик не е известен, Секторот за јавни набавки при Град Скопје барајќи ја набавката врз основа на која министерката случила договор за јавна набавка за реконструкција, увидува дека е направен неовластен упад во профилот на Град Скопје во системот на јавни набавки ЕСЈН и во евидентна книга на Град Скопје од страна на неовластени лица. На завршена јавна набавка и истечен договор трајно затворени и архивирани во 2023 година некој го злоупотребил системот и на профилот на Град Скопје си додавал документи од 2024 година кои содржат информации и податоци на Министерството за култура со бизнис партнерот на министерката, Универзал Балкан, а спротивно на постапките и Законот за јавни набавки – посочи Арсовска на прес-конференцијата.
Таа нагласи дека по опожарувањето на објектот на Универзалната сала се потврдиле сите нерегуларности кои град Скопје и таа како градоначалник имале можност да ги елаборираат и презентираат пред јавноста уште на почетокот на 2022 година, поради кои, како што рече, Универзалната сала не смее да продолжи да се гради по постојниот проект.
– Уште во првите месеци по локалните избори од 2021 година, по добивање на извештај за проблемите со кои градот Скопје е соочен за Универзална сала, излеговме во јавноста со деталите дека проектот по кој се работи не може да се спроведе и како таков ја прави целата работа на објектот небезбедна – рече Арсовска.
Посочи дека уште на самиот почеток на реконструкцијата на објектот, отпочната во мандатот на нејзиниот претходник Петре Шилегов, кој ја спровел и набавката за реконструкција, во јули 2021 констатирано е со записник дека проектот е неусогласен со постојната состојба.
– По детектираните бројни недостатоци на проектната документација за тој проект со број 0307-30, позитивното мислење од 18.05.2021 година за стабилност и сеизмичка заштита на овој проект Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) го прогласува за неважечко, кој документ бил изготвен на 02.11.2021 година од ИЗИИС, а Град Скопје осознава на 17.02.2022 година. Од тој момент, по тој проект со број 0307-30 е невозможно да се продолжи да се работи – прецизира Арсовска.
Град Скопје, истакна, бара одговори по кој член од Законот за јавни набавки, јавна набавка која минатата 2023 година е трајно завршена, реализирана и архивирана, може повторно да се активира како во овој случај во 2024 година, со неовластено пристапување од страна на друга институција во профилот на град Скопје. Праша согласно која законска регулатива на профил на договорен орган во системот ЕСЈН на Бирото за јавни набавки при Министерство за финансии, од лица кои немаат овластување, ниту пристап од страна на договорниот орган може да се вметнуваат или бришат документи.