фото: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

Библиотеката „13 Ноември“, клон на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, после 11 години продолжува да работи во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода. Библиотеката се реотвора со книжен фонд од околу 8000 книги: лектирни изданија, книги и сликовници за деца, белетристика и научна литература.

– Градската библиотека годинава го слави својот 79. роденден и повеќе од кога и да е веруваме дека книгата не е привилегија, туку право на секој човек. Среќни сме што библиотеката се враќа на своето место во центарот на општината. Се надеваме дека ќе се вратат и некогашните читатели, а ќе стекнеме и нови. За нив нудиме светски и домашни класици, голем избор популарни наслови и автори. Во моментов работиме на откуп на нови наслови (домашна и преводна литература), кои ќе се најдат токму на овие полици. Сакам да упатам огромна благодарност до Општина Кисела Вода и градоначалникот Ѓорѓиевски, кој за многу краток рок одговори на нашето барање што резултираше со повторното отворање на оваа библиотека. Се надевам дека неговиот пример ќе го следат и останатите општини – подвлече Снежана Стојчевска директорката на Ју Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.

фото: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

Обработката и заемот на книги се врши преку Кооперативниот онлајн библиографски систем и сервис (COBISS), а библиотеката ќе понуди и разновидни културни содржини.
Првата, почесна членска книшка му припадна на градоначалникот Ѓорѓиевски, кој го истакна значаењето на библиотеката за сите вљубеници во пишаниот збор, но и нејзиното место во културното живеење на сите граѓани:
– Посебно сакам да нагласам дека на располагање има и многу литература за деца, бидејќи сме свесни дека љубовта кон читањето треба да се всади уште од најраните години. Дополнително, овој простор ќе биде искористен и за друга културна програма-креативни работилници, литературни читања, промоции на книги, средби со автори, со што очекувам дека библиотеката ќе биде честа дестинација на сите наши жители – истакна градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Првите посетители на библиотеката „13 Ноември“ беа првачињата од ООУ „Круме Кепески“, а по нив и неколкумина повозрасни жители, кои не го криеја задовослтвото дека библиотеката е повторно близу до нив.
Обновата на библиотеката во Кисела Вода е продолжување на библиотечната дејност на територијата на општината, односно на традицијата долга повеќе од 50 години. Подружницата „13 Ноември“ била отворена во 1961 година токму во тогашниот Дом на културата.