Нови препирања во Советот на Град Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска и контрираше на Марија Андоновска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ откако таа порача дека мора да се работи, по што посочи, да се асфалтираат улиците во Шуто Оризари и да се направи фекална канализација. Советничката и кажа на градоначалничката дека не смее да се повтори времето на Шилегов, а поддршка за реализацијата на програмата ќе има од целата советничка група. На ова, Арсовска возврати дека ВМРО-ДПМНЕ е лицемерна.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе ја продолжи иницијативата. Град Скопје не треба да има заборавени населби. Тоа го пишуваше во програмата за модерно Скопје. Од тие причини Шуто Оризари не треба да биде заборавено. Јас изнесов со факти и аргументи што е направено во некој период и што не е направено во изминативе четири години. Реконструкцијата и изградба на улици во Шуто Оризари мора да биде приоритет и да се случи пред било што друго. Апелираме да се отпочне во најбрз можен рок, рокот предвиден во иницијативата. Да се отпочне меѓуопштинска соработка и да се отпочне со реализација, не само да се донесе одлуката. Бидејќи како што знаеме, во минатото, во буџето се носеле одлуки за меѓуопштинска соработка, но не се реализирале. Тоа не смее да биде случај сега. Доколку се донесе одлука, таа мора да се реализира. Нереализирање на одлука е казниво. Ние ќе бидеме тука да потсетувам на одлуките кои не се реализирани. Една од работите е фекалната канализацијата, 6 милиони денари, за Шуто Оризари. Септември сме, нема отпочнување на проектот. Ќе пропаѓаат средства, како во времето на Шилегов, кога се даваше само на хартија дека ќе се реализира одреден проект? Не смее да биде случај овој пат. Ставките во буџетот да се реализираат, мора да се работи – кажа Андоновска, пренесува Макфакс.
Арсовска им порача на советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека се лицемерни. Додаде дека треба да престанат да саботираат, и само декларативно да се залагаат за модерно Скопје.
– Хипокризија на денешницава. Генералниот секретар до пред некое време, мислам две недели, беше човек кој што е ваш близок. Кога замина од тука се заблагодари на партијата и претседателот наместо на Градот и граѓаните. Требаше да го прашате зошто не реализирал се ова што требало бидејќи тој беше еден од лицата, непосредно надлежен за овие реализации. Ве молам да се однесуваме како што треба. Не може нешто што вчера сте застапувале денеска да кажувате дека не чини. Не може нешто што до вчера сте поддржувале денеска да сакате да саботирате или да сакате да го поставувате во негативно светло. Ако веќе декларативно, шпицниот градоначалник излегува и кажува дека ќе ја поддржите оваа програма, однесувајте се соодветно, поддржете ја. А не со подметнувања, критики и на крај декларативно да кажете дека ќе ја поддржите. Фер и коректно од почеток до крај, не со манипулации – рече Арсовска.