Колку помалку метеж во лифтовите толку подобро, велат лекарите. Дезинфекцијата е препорачлива, но дали е тоа сигурна заштита? Сепак, едно нешто мора да се направи без компромис, а тоа е дека носењето маска треба да биде задолжително
Може ли лифтовите да бидат потенцијални жаришта на ширење на коронавирусот ако се знае дека во нив секојдневно има голема фреквенција на луѓе? Тие не може да се проветрат поинаку освен преку вградена соодветна вентилација. Во услови на посебни безбедносни мерки, тие треба што почесто да се дезинфицираат. Во најголем дел од старите објекти во Скопје, како станбени така и службени, лифтовите немаат вентилација, додека во новите тоа не е случај. Во сегашнава ситуација со епидемијата, најмногу на удар се лифтовите во болниците. Експертите тврдат дека во тие лифтови нема движење на воздухот и во нив останувале бактерии и вируси и пред да се случи пандемијата.
Препораки при користење на лифтовите
Неспорно е дека во сегашната ситуација оние што се возат во лифтови треба да бидат заштитени, да носат маски и да ги почитуваат безбедносните мерки. Препорачливо е да не се возат во нив повеќемина, да се врши дезинфекција и да се држи дистанца, доколку е тоа можно, односно доколку дозволува просторот на лифтот. Колку помалку метеж во лифтовите толку подобро, велат лекарите. Не е мал бројот на граѓани што велат дека се исплашени од тоа колку лифтовите можат да бидат потенцијални жаришта за ширење на пандемијата. Поради тоа се трудат да не ги користат во своите згради и најчесто се решаваат да пешачат и до горните катови, ако веќе не можат да бидат сами во лифтот на зградата.
Во целата ситуација, кога се бараат начини како да се спречи ширењето на пандемијата и како да се обезбедат потрајни заштитни средства, сѐ повеќе се слуша за експерти што работат на пронаоѓање софистицирани технологии што би можеле да се вградат во еден лифт за елиминирање на бактериите и вирусите по пат на стерилизација. Во некоја блиска иднина тие би можеле да се вградуваат во лифтовите на некои идни модерни станбени комплекси, хотели или болници. Но засега реализирањето на таквите идеи е малку веројатно. Тоа особено важи за лифтовите на старите станбени згради, во кои станарите едвај плаќаат за нивното одржување, а камоли да поддржат некој скап зафат.
И станарските управители може да придонесат за дезинфекција на лифтовите
Она што сега, во овие услови на пандемија со коронавирусот, се поставува како прашање е колку станарските управители практикуваат да ги дезинфицираат лифтовите, што колку-тoлку значи некаква заштита.
– Колку кај нас се одржува хигиената во лифтовите зависи од свеста на граѓаните. Секако, во ова време на пандемија, не е препорачливо четворица да влегуваат во лифт, бидејќи можноста за зараза е поголема. Но, сепак, во повеќе згради се прави внатрешна дезинфекција на просторот на лифтот, ракофатите, стаклата.
Исто така, хигиеничарите ги пребришуваат површините во лифтовите со дезинфекциски средства. Месечниот надоместок што граѓаните го плаќаат за лифт, исклучиво се користи за одржување на лифтот. Лифт-компаниите прават месечен преглед, подмачкување на лифтот, евентуално менување сајли или други дополнителни работи. Во нив спаѓаат и дезинфекциските средства, кои се купуваат, и станарите само се известуваат на огласна табла дека ќе се дезинфицира.
– Што се однесува на воведување некакви техничко-технолошки иновации, прашање е колку тие софистицирани нови технологии може да помогнат за заштита на граѓаните што се возат во нив, но ние не знаеме, тоа засега е непознато за нас – вели Васе Самараков, претседател на групацијата управители за домување при Стопанската комора на Македонија
УВ-системи – да или не?
За дејството на УВ-системите би можеле да зборуваат и експертите за ваков тип технологии, но никој не може ништо да тврди кога е во прашање коронавирусот, кој сѐ уште е недоволно истражен.
– Малку податоци има за тоа дека УВ-системи ќе го препознаваат овој вирус и ќе го стерилизираат и прочистат воздухот во лифтовите. Премалку се знае за вирусот за да може со сигурност да се каже нешто повеќе. Можеби би можеле да зборуваме за намалување на неговото присуство. Имено, УВ-зраците имаат такво дејство да уништуваат вируси, но кој може да гарантира за актуелниов коронавирус, кој е тој што стопроцентно ќе гарантира дека нема негде да останат некои џебови недопрени од УВ-зраците – велат од Машинскиот факултет од Скопје.
И лекарите тврдат дека во лифтовите нема стопроцентна заштита од пренесување на вирусот.
– Она што сега е најдобро, тоа е препораката секој сам да се вози во лифт, а стопроцентна заштита во лифтовите не може да се гарантира, дури и да се дезинфицираат и по неколкупати на ден. Главно е да нема метеж, да не се вози во лифт со повеќе лица. Пандемијата на ковид-19, всушност, ги извади на виделина сите пропусти и во болниците, нешта за кои претходно не сме размислувале. Треба постојано да се нагласува дека во лифтовите не смее да има повеќе лица. Друга заштита нема – вели д-р Александар Стојанов, шеф на отсекот за имунизација и тропски болести во Центарот за јавно здравје во Скопје и член на Комисијата за заразни болести.