Здружени во барањата, Синдикатот на Клинички центар и Иницијативниот одбор за формирање нова синдикална организација порачаа дека состојбата во јавното здравство е алармантна и дека итно бараат усогласување на платите, бидејќи дел од вработените на клиниките земаат плати под минималната. Барањата веќе ги испратиле до Министерството и Фондот за здравство, а ако не добијат соодветен одговор најавуваат дека се можни и протести.
-Ние бараме со августовската плата да се изврши тоа усогласување со минималната. Доколку тоа не се реши, пред покачувањето најавено во септември, ние ќе почнеме да ги користиме сите законски акти и прописи, тоа значи дека може да има приватни и колективни тужби до Фондот за здравство и до Министерството за здравство, а во согласност со членството, со консултации, може да почнат и протестите – потенцира претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.
Нико Беќаровски од иницијативата за формирање нов синдикат рече дека платите на лекарите заостануваат и многумина од јавното здравство освен што ја напуштаат државата, размислуваат да „побегнат“ и во приватното здравство.
Беќаровски додаде и дека наишле на разбирање и совпаѓање со барањата на Синдикатот на Клинички, па одлучиле во рамки на постојниот да се формира Докторски одбор Хипократ.
-Во моментов, ако ги споредиме коефициентиве што се на пример кај еден судија и кај еден доктор, заостануваме два до два и пол пати во однос на нивните плати. Прашуваме дали на оваа држава ѝ требаат само судии коишто ја вршат работата така како што ја вршат, или им требаат и лекари. Не бараме ништо повеќе, не бараме европски плати, знаеме какви се платите во Европа, меѓутоа по коефициентот на лекар или судија секаде во Европа е, на пример на професор во Клинички центар е 1:1 во корист на универзитетските професори кај нас барем нека биде 1:1, а не како што е сега 2:1 во корист на судиите. Ако се најдоа пари за судиите и за функционерите секако, треба да се најдат пари и за здравство -рече Беќаровски.