Фото: МОН

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во денешната изјава за медиумите рече дека ќе побара од Бирото за развој на образованието детални информации за спорниот прирачник за наставници и нагласи дека прашалниот е одобрен уште во 2009 година, потпишан од претходниот директор во 2011 година. Тој потсети дека и Бирото ја демантирало информацијата.

Шаќири најави дека ќе побара мислење за секое прашање за кое јавноста има забелешки.

– Не само за тој прашалник, знаете дека еднаш имаше коментари во јавноста дека е учебник, па после се потврди дека е прашалник, се потврди дека не е од овој период, туку од претходниот. Јас не само за овој прашалник туку за сите материјали, за сите други прашалници и за учебниците, за забелешките на јавноста ќе побарам уште еднаш од сите советници во Бирото да ги разгледаат сите материјали што се од претходниот период и ако има образложение за некои материјали да се повлечат, истите да се повлечат, да се разгледаат, да не бидат тие материјали. Но, ако има случај каде има оправдување од страна на Бирото, тие оправдувања треба да ги дадат на јавноста, кои се причините за тие материјали – изјави министерот Шаќири по свеченоста во Ректоратот.

Тој лично не го разгледал прирачникот, најави дека ќе побара мислење од тој период од Бирото, иако и тогаш образложението било дека не е обврска да се користи и најави дека заедно со неговиот кабинет ќе го разгледаат и ќе достават соодветно мислење до Бирото, како понатаму да се постапува.

– Ќе побарам од Бирото дополнително сите материјали, сите прашалници, сите одобрувања што ги дава Бирото за каков било материјал, кој влегува од невладини организации, од различни организации внимателно да се разгледаат, за да не бидат достапни на децата – изјави министерот.

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на доставата на учебниците, Шаќири го повтори ставот дека економскиот оператор секојдневно доставува учебници. Тој нагласи дека завчера Националната комисија ги донела последните одлуки и се одобрени учебниците за албански јазик, математика, природни науки, додавајќи дека сега продолжуваат постапките за шесто одделение.

– Ако нема жалбени постапки веднаш и тие учебници ќе продолжат со техничко-графичко регулирање и исто така на печатење – кажа Шаќири.

Тој најави дека наредната недела има точни, детални информации за доставените учебници до секое училиште, она што побарано, колку им се доставени, колку остануваат до крајот на септември да се достават.

– За разлика од претходната учебна година, мислам дека секојдневното доставување, има училишта каде во делот на организација се доставуваат, има дополнителни барања, но не ги имаат доставено навремено барањата до секторот за педагошка служба. Но, до крајот на септември, транспарентно, детално, секој учебник како ќе се достави – кажа министерот.